Размислување според неделното Евангелие од Лука 15,11-32, наменето за Неделата на блудниот син
Подготвувајќи нè за Великиот пост, за покајание и покора, Светата Црква ни го дава Евангелието за Блудниот син. Што е посебно поучно за нас во неговото покајание?
Кога блудниот син го потрошил сиот свој имот и дошол до крајна сиромаштија, дошол при себе, ја видел одвратноста на својот развратен начин на живот, ја сфатил својата грешка, се сетил на љубовта на татко му и решил да оди кај него да бара прошка за гревот. Неговото преобраќање било свесно и затоа одлуката била доста цврста: сфатил дека за него нема друго спасение освен да побара милост од својот татко.
Првиот важен услов за покајание е познавање на своите гревови
Покајанието се раѓа кога човек ќе се најде во тешка животна ситуација и ќе види дека сам, без Божја помош, нема излез. Кога човекот е во беспомошна состојба, тогаш се сеќава, мисли на Бога, се сеќава на оние моменти од животот кога живеел во склад со Бога и се радувал на плодовите на Неговата љубов и добрина. Губењето на оваа состојба преку гревот создава во човечката душа копнеж за Господ, желба за враќање на претходниот однос со Бог.
Блудниот син, во туѓина, во глад, почнал да размислува за својот дом, за тоа како добро живеел, за татко му, кој се грижел за него, за неговиот живот и здравје, размислувал и за тоа колку добро живеат неговите слуги. Со овие мисли, во очајна потреба, блудниот син сфаќа што изгубил кога ја напуштил татковата куќа, ја разбира заблудата на неговата одлука, се кае за оваа грешка и решава да се врати дома, да му се извини на својот татко што го навредил поради неговиот непромислен чин, затоа што не ја ценел и препознал неговата љубов: „А кога дојде на себеси, рече: Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, умирам од глад.. Ќе станам и ќе отидам при татка си и ќе му речам: »Татко, згрешив против небото и пред тебе“ (Лука 15,17-19).
При покајанието, познавањето на Бога е тесно поврзано со познанието на самиот себе, со состојбата на својата душа. Искреното покајание зависи од тоа колку го пзонаваме Бог и Неговата љубов. Степенот на познавање на Бог го одредува нивото на сопственото познавање, состојбата на својата душа. Колку повеќе човек го познава Бога и Неговата љубов во својот живот, толку подобро го гледа она што го приближува до Бога, односно она што дополнително го оддалечува од Него. Благодарение на светлината на Божјата благодат, човекот знае дека Бог го љуби и знае што треба да направи за да се врати повторно во Неговата милост, како да ја очисти својата душа, како подобро да ја запознае Божјата љубов кон нас и како повеќе да биде исполнет со неа.
Познавајќи се себеси, своите недостатоци, ја открива потребата од Бога, Неговата благодат, љубов и помош. Мерката на нашите гревови треба да биде мерка на потребата од Божјата љубов, која е потребна за наше поправање. Колку повеќе човек греши, толку повеќе ја чувствува потребата од Божјата љубов и милост да му ја исцели душата. Еве што вели апостол Павле за ова: „А Законот се додаде, за да се умножи престапувањето. Каде што, пак, се умножува гревот, благодатта се јавува во голема изобилност,. та, како што гревот царува, предизвикувајќи смрт, така и благодатта да се зацари со правда за живот вечен, преку Исуса Христа, нашиот Господ“ (Римјаните 5,20-21). Дали ги знам моите гревови и како ја гледам потребата од Божја помош, милост, колку чувствувам потреба од оваа помош? Познавањето на состојбата на неговиот живот и неговата душа било поттикот за враќањето на блудниот син во домот на неговиот Татко. И што нѐ мотивира да се вратиме кај Бог?
За да се дојде до покајание, христијанинот мора да знае што е она за што сака да се покае и да побара од Бога простување. Колку е подлабоко сознанието за себе, состојбата на сопствената душа, гревовите, она што нѐ одвојува од љубовта кон Бога и нѐ лишува од Божјото синовство, толку е подлабоко и поискрено покајанието, толку е поголема потребата од Бог и Неговата љубов и милост.
Познавајќи ја состојбата на својата душа, искреното покајание е истовремено и знак за потполна отвореност на душата кон Бога, а колку е поголема отвореноста на душата, толку е поголема довербата во Бога, толку Бог може побрзо да нè промени и исцели.
Вториот важен услов во покајанието е храброста и решителноста за промена
Блудниот син се осмели да ги прекине сите врски со претходниот живот, со претходните познаници, кои му донесоа многу штета во животот, веднаш да ги напутши тие места, каде што го расфрлаше својот имот, живеејќи развратен живот. Во овој случај, тој е најдобриот пример кој треба да го следиме. Она што најчесто нè боли е тоа што не сакаме да ги оставиме оние луѓе меѓу кои се навикнавме на разни гревови, и оние места каде што имаме постојани искушенија за грев. За вистинско поправање на животот, преобраќање во Бога, мора решително да бегаме од такви луѓе, од такви места каде што не се чувствуваме безбедни поради влијанието на грешните искушенија и можностите за грев.
Па да не чекаме некои авантури и бедата да ни кажат за тоа. Ако нашата совест ни вели дека сме се оддалечиле од Бога преку некои гревови, треба да направиме испит на совеста, да се подигнеме од гревот и да се вратиме кај нашиот добар Небесен Отец за да побараме од Него простување на гревовите во Светата Тајна Исповед и повторно да се наречеме Негови возљубени деца и наследници на Неговото Небесно Царство. Амин.