Невработеноста е опасност за слободата
Њујорк, 21.6.2013 /к.мк/ – „Заеднички е срамот за владите, светските лидери и меѓународната заедница е тоа што 250 милиони деца немаат пристап до образование“, изјави архиепископот Куликат кој е постојан набљудувач на Светата Столица при Обединетите нации, говорејќи на четвртиот заеднички работен состанок на Генералното собрание на ООН, посветено на целите за одржлив развој. Архиепископот во говорот се осврна и на невработеноста, голем проблем за нашето време, и нов облик на ропство.
Во екстремна сиромаштија живеат околу 400 милиони работници, десет милиони малолетни деца се експлотирани, тоа е вистинско ропство. А милиони луѓе се вклучени во фабричко производство или домашни работи за да се зголеми благосостојбата, удобноста и среќата на влијателните мажи и жени во развиените земји. Архиепископот запраша како 250 милиони деца кои не знаат ниту да читаат ниту да пишуваат живеат во свет во кој се повеќе и повеќе се бара стручно образование.
Заради тоа архиепископот повика на меѓународна соработка, ја осуди големата неправда, нарекувајќи ја заедничка срамота за владите, светските лидери и меѓународната заедница. Зборуваше за очигледното кршење на Конвенцијата за правата на децата, и дека се одговорни владите и приватните компании. Зборувајќи за невработеноста, рече дека таа е општествена неправда која и се заканува на слободата и ја гуши човечката креативност. Правото на работа е основно право на секое човечко битие –изјави архиепископот Куликат, додавајќи дека работата е услов за обликување на семејството и средство за нејзино одржување. Невработеноста, експлоатацијата, недостатокот на достоинствена работа ги погодува луѓето од сите возрасти, а на сите им е јасна клучната улога на работата – рече архиепископот.
Зборувајќи за одржлив развој, архиепископот рече дека е незамисливо без образование. Децата без образование нема да станат возрасни ниту ќе можат да се вклучат во општеството – изјави архиепископот и потикна на размислување за улогата на семјството во образованието и воспитувањето на младите. (Д.И.)