На Генералната аудиенција во среда Папата зборуваше за современиот црковен пастир
Секој епископ, свештеник и ѓакон треба да биде гостољубив, умерен, љубезен, трпелив, со добро срце; никогаш не треба да се става „во центарот на вниманието“ или да мисли дека сè знае, тоа е „основната граматика“ на еден Христов службеник – рече папата Фрањо на Генералната аудиенција на 12 ноември на плоштадот Свети Петар.
Во претходните катехези истакнавме дека Господ продолжува да го паси Своето стадо преку службата на епископите кои помагаат на свештениците и ѓакконите. Во нив Исус со силата на Светиот Дух станува присутен и продолжува да и служи на Црквата, зацврстувајќи ја во нејзината вера, надеж и сведочењето на љубовта – рече Папата.
Во пасторалните Посланија на своите ученици Тимотеј и Тит апостол Павле внимателно го опишува ликот на епископот, свештеникот и ѓаконот, како и ликот на христијанинот во Црквата. Особено за епископите, свештениците и ѓаконите јасно наведува некои човечки квалитети: гостољубивост, умереност, трпеливост, благост, доверливост и добро срце – истакна Светиот Отец. Повторувам: гостољубивост, умереност, трпеливост, благост, доверливост, милосрдие. Тоа е – рече Папата – азбука, основна граматика на секоја служба. Тоа треба да биде основната граматика на секој епископ, свештеник и ѓакон бидејќи без тие прекрасни параметри кон средба, спознание, дијалог, признавање и насочен и искрен однос кон браќата не е можно радосно и веродостојно да се служи и сведочи – рече папата Фрањо.
Папата потоа ја спомна основната работа која што епископите, свештениците и ѓаконите треба „постојано да ја разбудуваат“, односно дарот на службата; треба секогаш да имаат на ум дека никој не е епископ, свештеник или ѓакон затоа што е паметен; затоа што е добар и подобар од другите, туку преку дарот на љубовта кој Бог со силата на Својот Дух го поделил за благосостојбата на својот народ. Таквата свесност исто така и е благодат за која што треба секој ден да молиме. Имено, ако пастирот е свесен дека неговата служба е плод на милосрдие и сочувствувањето на Божјото срце, тогаш не може да ги третира останатите како да му се до колената или како заедницата да е негова сопственост, негово лично царство – истакна Светиот Отец.
Освен тоа свеста дека сè е дар, дека „сè е милост“, му помага на пастирот да не подлегне на искушението да се стави во центарот на вниманието и да се довери единствено на себе; да не подлегне на искушенијата на суетата, гордоста, самобендисаноста, годеливоста. Ако некој епископ, свештеник или ѓакон мисли дека сè знае; дека секогаш и на сè има вистински одговор; дека никој не му треба, тешко нему! – рече Папата.
Напротив, предупреди, свеста дека Бог го помилува и со него бил милосрден, треба црковниот службеник да го поттикне трајно да биде понизен и внимателен. Иако свесен дека е повикан храбро да го чува пологот на верата, ќе слуша што народот има да му каже; знаејќи дека може секогаш нешто да научи дури и од оние кои се далеку од верата и од Црквата. Тоа ќе го охрабри со браќата да воспостави нов однос заснован на меѓусебното споделување, соодговорност и заедништво – истакна Светиот Отец.
Завршувајќи ја катехезата, Папата сите ги повика на молитва за пастирите на нашите заедници за да бидат „жива слика на заедништвото и Божјата љубов“. По катехезата упати апел за христијаните – „прогонувани и убивани заради нивната вера.“ Велејќи дека со голема растрепереност ги следи „нивните драматични случувања ја изрази својата длабока духовна близина со христијанските заедници кои се погодени – како што рече – од апсурното насилство кое не престанува. Ги поттикнувам пастирите и верниците да бидат силни и цврсти во надежта – рече Папата, а потоа се обрати на сите кои имаат политичка одговорност на национално и меѓународно ниво, како и на сите луѓе со добра волја за да се подигне свеста во корист на прогонетите христијани. Тие во својата земја имаат право на безбедност, мир и слободно исповедување на својата вера – заврши Светиот Отец.
РВ/Д.И.