На Велики Четврток Папата ќе измие нозе на затвореници

На 2 април, Велики четврток, папата Фрањо ќе се упати кон новиот затворски комплекс Ребибија, во близина на Рим, за да се сретне со затворениците, соопшти ватиканската прес служба. Во 17.30 тој ќе служи Литургија за во црквата „Нашиот Отец“.

За време на Литургијата Папата ќе го изврши обредот миење нозете на некои од затворениците и затвореничките.

„Многу сме среќни, бидејќи Папата ја прифати поканата која му ја упативме минатиот септември во домот Света Марта во Ватикан“, рече пред микрофонот на Радио Ватикан капеланот на затворот Дон Сандро Спријано. „Тогаш ни кажа дека ќе направи сѐ што е можно да дојде на Велики Четврток. Фактот дека го исполни ветувањето нѐ исполнува со радост; ќе биде многу убаво. Ќе го повториме доживувањето од пред 3 години со папата Бенедикт XVI, но во различен контекст и со друга личност“.

За затворениците посетата на Папата има „значење, како израз на вниманието на Римската Црква кон нивната лична положба“, забележува дон Спријано. Литургијата со Папата ќе покаже дека „тие се исто така, Божји чеда и се сакани од Црквата, особено од Папата, што е многу важно за нив“. Капеланот наведува дека тоа ќе биде првата заедничка литургиска прослава за затворениците и затвореничките.

„Карактерот на посетата ќе биде чисто пасторален – прецизира капеланот на Ребебија. Имаме потреба од некој кој ќе нѐ прегрне, да се почувствуваме дел од општеството и дека сме христијани во една поголема Црква, а не изолирани. Тоа Папата може да го направи и ние го сакаме“. Дон Спријано се обраќа и до политичарите, барајќи „затворот да не биде само место за казна и одмазда на општеството кон сторителот на кривичното дело, туку, како што се вели во Уставот, место за обнова и ресоциализација, каде се става основа за подобро враќање во животот “.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот