Најголемата цена некогаш платена
Замисли го ова. Пред 2000 години се случило откупување за кое што и ден денешен се зборува. На тој ден еден човек влегол во продавница и на полицата те здогледал тебе. И ниту секунда не размислувал. Посакал да те има. Но, тогаш го видел и оној човек до тебе. Повторно не се предомислил. И тој човек сакал да го има за себе. И така видел уште многу луѓе. Многу повеќе отколку што можеш да замислиш. Ги видел сите оние кои се родиле пред тебе, но и оние кои допрва ќе се родат. И никој не можел да одбие. Сите нас сакал да нè има за себе.
Како цена побаран е Неговиот живот
Дојдел на касата и прашал колку е цената за сите нас. Одговорот кој го добил бил прилично изненадувачки. Како цена побаран е Неговиот живот. Најголемата цена некогаш платена. Не постои противвредност достојна за да се замени со таа цена. Но, сепак Откупувачот одлучил да го купи сè она што Го сакал. Секој од нас. Одлучил да ја изврши таа размена. Под секого од нас на полицата пишувало, во краток опис сè за нас. Кој сме, што сме, каде живееме, што работиме, колку читаме, колку молиме, колку веруваме и уште многу други разни детали (кои што на Откупувачот и онака веќе му биле познати).
Одлуката паднала. Откупувањето треба да се изврши. Но, за да се добие она што најмногу се љуби мора за тоа да се трпи. Барем тоа нè учи Откупувачот. Толку нè љуби што одлучи да помине низ мака и да отиде на крст. „Само“ заради мене и тебе. Замисли. Постои некој кој толку те љуби што за тебе е подготвен да умре.
Продавачот нема право да ги врати „парите“
Но, не завршило на тоа. Работата оди понатаму. Продавачот мислел дека бил лукав и го измамил Откупувачот. Во тоа бил уверен 3 дена. И тогаш се случува пресврт. Откупувачот повеќе не е мртов! Ние не сме залудно откупени! Не сме изгубени! Повторно го имаме Оној Кој толку нè љуби. Продавачот е победен! Нема право на враќање на „парите“! Имал можност да побара што сакал и работата е решена. Сметката е платена. Нашите гревови се избришани на крстот пред да ги направиме!
Нашиот Откупувач воскресна! Зад Него остана само празниот гроб! Не веруваш? Погледни го каменот на гробот! Не е на своето место! Гробот е отворен! Ниту тоа не е доволно? Дали го виде платното на местото каде што лежеше некогаш мртвото Тело? Влези! Ако не ти доволен зборот – влези! Погледни и верувај! Добивме можност за нов почеток! Сега Откупувачот нè има за себе и го имаме целото време во светот да го поминеме со Него! Што да направиме? Па, дружи се со Него, секако! Сега сме Негови. Сигурно „заслужил“ толку?
Земи или остави!
Во знак на благодарност сигурно можеме да направиме толку! Замислете сега уште нешто! Ако тоа го направиме за Него – ќе добиеме и награда! Не Му беше доволно тоа што нè „откупи“ сега сака и да нè награди! Таква привлечна понуда сигурно не нуди ниту еден продажен центар. Каде можеш да најдеш ваква понуда? Не постои такво нешто! Сега повторно имаш избор: земи или остави. На никаков начин нè не присилува што да избереме. Сè е работа на твојата и мојата одлука. Јас својата одлука веќе ја донесов. Би бил луд кога не би ја прифатил таа понуда!
Рече да не се плашиме и дека е со нас засекогаш! До свршетокот на светот! Тогаш немам причина за да не ја прифатам таа понуда! Овде ништо не пишува со ситни букви! Нема ДДВ, а понудата не е само до истекот на залихата! Не! Понудата е трајна и условите ниту еднаш не се променети!
Што ќе направиш! На тебе останува! Донеси одлука! И важно е да се нагласи дека секогаш можеш да ја промениш! Ако сега не ја прифаќаш веќе утре можеш да тргнеш одново, да ја прифатиш понудата и не плаши се!
П.С. Секоја сличност со вистински луѓе и настани е намерна! Повеќе за овие настани и настаните по овие прочитај во Библијата! Таму имаш сè објаснето. Јас останав недоискажан, но таа Книга не е!
Пасторал на млади/Д.И.