Недела на Божјото милосрдие

Една недела после празникот Велигден – го славиме празникот на Божјото милосрдие, односно Недела на Божјото милосрдие. Исус, Царот на милосрдието, и ја објавил на сестра Фаустина Ковалска (1905-1938) својата желба во Црквата да се воспостави тој празник. Папата Иван Павле  II  на 30 април 2000 година ја прогласи Неделата по Велигден за Недела на Божјото милосрдие.  Во една од многубројните објави кои ги имала сестра Фаустина (прогласена е за блажена во 1993 година, а за светица 2000 година) Исус и кажува да му објави на светот дека неизмерното милосрдие е најголемата Божја одлика. И дека Бог го навредуваат оние кои не веруваат дека Тој е милост. Во дневникот кој сестра Фаустина го напишала по желба на Исус, Исус и вели дека неговото Срце е преполно со голема  милост кон луѓето, иако тоа многумина не го знаат и не сакаат да го ценат. „За нив јас живеам во Светотохранилиште. Како цар на милосрдието сакам вашите души да ги дарувам со милост, а тие сепак не сакаат да ја примат. Моето срце е напоено со неблагодарност и заборав од душите кои живеат во светот. За сите имаат време, но да дојдат кај мене, и да се здобијат со милост, немаат време.“

Сестра Фаустина многу се трудела да Му угоди на Бог. Поднесувала разни жртви (колку што и овозможувало нејзиното здравје, а била со деликатно здравје) за преобраќање на грешниците и за ослободување на душите од чистилиштето. Запишала во својот дневник дека жртвите и страдањето се основата на љубовта.

Бидејќи Исус Христос, како што и сам објавил, е Цар на милосрдието, и ние би требало да сме луѓе со милост, да искажуваме милост на секој човек и да правиме духовни и телесни дела на милосрдие. Сестра Фаустина вели дека постојат дела на милосрдието кои може да ги врши секој, па и најсиромашните. Милосрдие можеме да искажуваме на најразлични начини во секоја прилика, но сестра Фаустина наведува три начина т.е. три можности за искажување на милосрдие: Прво тоа се милсрдните зборови – простување и утеха, второ – молитвата, трето – дела на мислордие.

Иако дневникот на сестра Фаустина е преполн со мисли кои зборуваат за Божјото милосрдие, Исус и рекол дека тоа што го запишала во својот дневник е само капка во споредба со океанот и нема неволја која би се мерела со Неговото милосрдие. Тоа не може да биде исцрпено, бидејќи со секое давање станува сѐ поголемо. Исус вели: „Пишувај дека кон грешниците сум подарежлив отколку кон праведниците. За нив дојдов на земјата… заради нив ја пролеав Крвта. Не треба да се плашат да ми се приближат. На нив им е најпотребно моето милосрдие.“ Божјото милосрдие е неизмерно, бидејќи Бог е неизмерен. И заради таа неопишлива Божја љубов кон луѓето, грешниците, Исус сакаше Црквата да ја обдари со празникот на Божјото милосрдие. Тој вети дека секој кој на тој ден ќе се исповеда и причести, ќе добие потполн опрост на гревовите, и како пподготовка за тој ден да се моли деветница, и Бројаница на Божјото милосрдие (која Исус препорачува често да се моли), како и да се повикува на Божјото милосрдие.

Исто така, Исус вели: „Ветувам дека душата која ќе се поклонува на оваа слика нема ништо да изгуби. Веќе на овој свет и ветувам победа над непријателите, а посебно во смртниот час. Јас Господ, ќе ја штитам како своја чест. Зраците на сликата ги означуваат крвта и водата кои потекуваат од длабочината на моето милосрдие, во часот кога моето Срце на умирање на крстот беше прободено со копје.”

„Ќерко моја зборувај му на целиот свет за моето неисцрпно милосрдие. Јас сакам празникот на Божјото милосрдие да биде прибежиште на сите души, посебно на сите грешници. На тој ден ќе се излие полнотата на мојата милост. Јас ќе излијам цело море од милости на душите кои ќе се приближат на тој извор. Кој ќе се исповеда и причести на тој ден, ќе добие потполн опрост на гревовите и казната за гревовите. Никој да не се плаши да ми пристапи мене, макар нивните гревови се и најлоши. Сакам празникот на моето милосрдие свечено да се прослави на првата недела по Велигден.“

„Душите кои го прошируваат обожавањето на мојата милост ќе ги штитам цел живот како што мајката го штити своето дете, на смртниот час ќе им бидам спасител, а не судија. Во тој последен час душата нема друга заштита освен моето милосрдие. Среќна е душата која за време на животот веќе била навлезена во моето милосрдие, бидејќи нема да ја стигне правдата! ”

„Пред да дојдам како праведен судија, ширум ќе ги отворам вратите на своето милосрдие. Кој, пак не сака да помине низ вратата на милосрдието, ќе мора да помине низ вратата на правдата.”

Душите кои молат брБојаница на Божјото милосрдие ќе бидат вклучени во моето милосрдие, посебно во смртниот час.”

„Човештвото нема да најде мир сѐ додека со потполна доверба не се обрати на моето милосрдие. Кажи на болното човештво дека ќе мора да се потпре на моето милосрдно срце и јас ќе го обдарам со мир.“

Милосрдници/к.мк/Б.У.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

За авторот