Коцката – зависност за која се молчи

Како се станува зависник од коцкање? Полека, но сигурно, велат многумина. Како и кај зависноста од дрога кога од „лесни“ се преминува на тешки дроги, така и кај коцкањето најпрво се започнува со лесно обложување во обложувалница говорејќи на шега: „Ќе уплатам за 50-60 денари за Лигата на шампионите“, потоа апетитот се зголемува и се преминува на сериозно обложување, а набрзо и на рулет, покер итн. Коцкарот сака што повеќе да го скрати периодот на неизвесноста, што порано да дојде до резултатот, а тие во голем број на случаи се катастрофални. Тогаш започнува она: „Ех, да ми се врати она што сум го изгубил веднаш ќе престанам со коцкање,“ но тоа никогаш нема да се случи. Целата приказна се врти во круг. Сѐ до целосна пропаст.

Можеби за еден коцкар парите не се приоритет, но без нив не може да игра. Искуствата на коцкарите се помалку или повеќе слични. Најпрво се трошат своите пари, потоа се продаваат работите од дома, следува позајмување од пријателите и роднините, за на крајот многумина да зачекорат во светот на криминалот, измамата и кражбата. За жал тоа ми се случи и мене. Ниту кога ќе пресуши изворот на парите играта не се прекинува затоа што тогаш се појавуваат „пријатели“. Станува збор за луѓе кои те поттикнуваат да продолжиш; наводно те разбираат и те охрабруваат, а ти си подготвен на сè, се согласуваш на нивната „поддршка“ и позајмуваш пари – многу пати со голема камата. Во малку случаи се покажува дека овие позајмувања се промашена инвестиција затоа што позајмувачите добро се запознаени со материјалната состојба на семејството, а големите долгови по правило се враќаат со продажба на недвижнина, куќа или стан. И токму ова е моментот кога семејтвото конечно сфаќа дека се соочени со проблем кој не можат сами да го решат. Помислата на лесни и брзи пари може да ги привлече кон игрите на среќа, но вистинскиот проблем се јавува дури подоцна, кога страста и адреналинот целосно го совладуваат човекот.

Смислата на животот ми стана рулетот

Моето животно искуство со коцката започна пред девет години. Млад без никакво искуство се запознав со зависничката коцка. Неуреден живот без работни обврски, премногу излегувања, површен однос кон факултетот и обврските и ЛАГАТА ме доведоа до непријатното искуство со коцката. Мислев дека животот сам ќе ми се подреди без да морам да вложам ниту малку труд. Како сè започна?

Понеделник, еден сосема обичен работен ден, на факултетот предавањата воопшто не ме интересираа, размислував да отидам на кафе и да ги разгледам весниците. Најдов уште четворица доброволци и отидовме на кафе кое ми го промени животот. Момците раскажуваа за казино, рулет, слушајќи ги си помислив дека тие целосно се губитници; но од тој ден во мене започна да се раѓа желбата да отидам со нив и да видам што прават тие таму. Откако неколку пати ми предложија да одам со нив и да видам што прават тие таму, ги одбивав, но на крајот се согласив. Како што кажав на почетокот тргнуваш полека. Се запознав со рулетот фрлајќи 500 денари. Се сеќавам како да беше вчера – и добив 700 куни. Помислив: „Супер, ништо не работев, а имам 700 денари, какви предавања на факултет? Можам вака секој ден. „по природа сум таков човек кој брзо ужива во тоа што го работи. Смислата на животот ми стана рулетот, секој ден и целата заштеда која ја имав започнав да ја губам…

Апетитот стана сѐ поголем и поголем

Првите месец сè уште некако успевав да се контролирам и знаев кога е доволно, но со текот на времето апетитот стана сѐ поголем и поголем. Однесувањето кон семејството беше сѐ полошо и полошо – лаги, манипулирање со луѓето кои те сакаат и кои би направиле сѐ за тебе беа составен дел од мојот живот. Без чувства и без грижа на совест. Знаете ли колку пати ги купував истите книги и скрипти за прва година за факултет? Мојата мајка знае… Со текот на времето започнав да крадам од дома, родителите, сестрите, да позајмувам од пријателите лажејќи ги сите. Излегував ноќта да се коцкам додека моите мислеа дека спијам во станот враќајќи се пред зори. Многу пати под стрес и напнатост од тоа да не ме види некој избегнував разговор со ближните затворајќи се во себе и во својот свет. Кога не би имал пари за коцка, ме фаќаше депресија која ја лекував со спиење, а понекогаш со спорт кој до некаде ме извлекуваше од сивилото.

Апетитот стана се поголем и поголем. Родителите свесни за проблемот се обидоа на сите начини да разговараат со мене и да ми помогнат, но не им одеше. Се задолжував на сите страни. Многу тешко чувство е да бидеш должен, се будите секој ден и првата мисла која ти доаѓа е: „Должен сум како ќе вратам, како ќе дојдам до пари?“ Се сеќавам на моментот кога сè се сруши. Со 50 000 денари во џебот кои ги земав од дома полн со сила и самодоверба тргнав надвор од градот, по целоноќните журки во пијана состојба започнав да се коцкам и сè загубив, во тој момнет се појави „пријател“ кој беше со мене и ми даваше пари да се извадам и да ги вратам своите, но до тоа не дојде. Ги изгубив сите свои и позајмив уште толку. Се чувствував како сите мои грешки, моето однесување, измамите и кражбите дојдоа за наплата. Сфатив дека тоа повеќе нема смисла и дека сум готов на колена и без сила сам да се извлечам од проблемот. Си дојдов дома и најпосле се согласив за помош од родителите, сестрите, зетот и девојчињата кои со заеднички сили остатокот од мојот живот го насочија кон добро!

Победа во Господ

Сега со насмевка на лицето ви сведочам дека може да се победи зависноста – со помош на ближните, со помош на психијатар, некој вели дека преку ноќ престанува и се променува. Мене ми беше потребно да го запознам Господ, неговото милосрдие, прошката и љубовта кој ми беше многу потребен за да најдам мир и смислата на својот живот. Тоа го доживеав во заедницата Џенаколо преку харизмата на Мајка Елвира, пријателството и добрината на момчињата кои го поминале сето тоа пред мене и кои знаеја како да ме доведат до патот на верата и заедништвото. По овој пат сакам да дадам поддршка на сите оние кои се во проблемот на зависноста: никогаш не е доцна да се тргне по нов пат, но ние сме тие кои кажуваме да или не.

Бојан од заедницата Џенаколо/Пасторал на млади/к.мк

За авторот