Митрополитот и надбискуп Врхбосански и Апостолски администратор на Воениот ординаријат во Босна и Херцеговина, монс. Томо Вукшиќ при неговата пасторална посета на Црквата во Македонија во сабота, 19 ноември 2022 година, придружуван од Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монс. Киро Стојанов се сретна со Реис ул Улема на Исламската верска заедница во Македонија, Шакир ефенди Фетаи, во зградата на Исламската верска заедница во Скопје.
На почетокот на средбата, реисот Фетаи изрази добредојде и благодарност до надбискупот Вукшиќ во негово име и од името на Исламската заедница. Накратко го претстави животот и активностите на Исламската заедница во Македонија, нагласувајќи ја важноста на меѓурелигискиот дијалог. Тој ги посочи верата во Бога, добрите дела и вербата во вечниот живот, како три столба на кои сме повикани да работиме и со тоа да бидеме во служба на човекот.
Надбискупот Вукшиќ се заблагодари на поздравните зборови и ја посочи поврзаноста на Скопската бискупија како суфраганa во рамките на Врхбосанската митрополија. Ja истакна важноста на меѓурелигискиот дијалог и повика да бидеме сведоци на надежта во овие региони. Надбискупот, исто така, ги информираше присутните за активностите на Меѓурелигискиот совет во Босна и Херцеговина, посочувајќи го добриот пример со научната студија во Сараево со наслов „Меѓурелигиски студии и градење мир“ спроведена од трите теолошки факултети во Босна и Херцеговина.
На крајот од средбата беа разменети подароци со желба посветено заеднички да се работи за доброто на сите луѓе и изградба на мир.