Монсињор Виктор Мануел Фернандез, надбискуп од Ла Плата, кого папата Фрањо го именува за префект на Дикастеријата за наука на верата, ќе биде и претседател на Папската библиска комисија и на Меѓународната теолошка комисија. Тој ќе ја преземе функцијата во средината на септември оваа година. Го наследува кардиналот Луис Франциско Ладарија Ферер, кому Папата му се заблагодари за долгогодишната служба на чело на дикастеријата
Монсињор Фернандез е роден на 18 јули 1962 година во градот Алсира Гигена, во провинцијата Кордоба во Аргентина. За свештеник е ракоположен на 15 август 1986 година. Стекнал лиценцијат по теологија со библиска специјализација на Папскиот универзитет Грегоријана во Рим, а потоа докторирал теологија на Теолошкиот факултет во Буенос Аирес.
Од 1993 до 2000 година бил парохиски свештеник во парохијата Света Тереза во Рио Куарто (Кордоба). Тој е основач и директор на Заводот за лаици и Центарот за формација на учители во тој град. Во својата бискупија бил воспитувач во Богословијата, одговорен за екуменизмот и раководител за катехезација.
Во 2007 година како свештеник учествува на 5. Конференција на бискупи од Латинска Америка (Апарецида), претставник на Аргентина, а потоа и како член на групата за изработка на завршниот документ.
Од 2008 до 2009 година бил декан на Теолошкиот факултет на Папскиот католички универзитет во Аргентина и претседател на Аргентинското богословско друштво.
Од 2009 до 2018 година бил ректор на Папскиот католички универзитет во Аргентина.
На 13 мај 2013 година Папата Фрањо го именува за надбискуп.
Учествувал, како член, на Епископските Синоди за семејството во 2014 и 2015 година, каде што работел и во групи за составување текстови.
На пленарната седница на аргентинската бискупска конференција во 2017 година, тој е избран за претседател на Бискупската комисија за вера и култура (Доктринарна комисија).
Во јуни 2018 година, ја презеде службата надбискуп на Ла Плата.
Бил член на Папскиот совет за култура и конслутор во Дикастеријата за католичко образование. Во моментов е член на Дикастеријата за култура и образование.
Има повеќе од 300 публикации, книги и научни статии, од кои многу се преведени на повеќе јазици. Овие статии покажуваат голема библиска основа и постојан ангажман во дијалогот на теологијата со културата, евангелизациското послание, духовноста и социјалните прашања.
Ватикан њуз/к.мк