Московскиот Патријархат го поздрави именувањето на новиот нунциј во Русија
Московскиот Патријархат го изразува своето задоволство од назначувањето на монс. Челестино Миљиоре за нов апостолски нунциј во Руската Федерација и посакува тоа да помогне во промоцијата на заеднички иницијативи со католиците за заштита на прогонетите христијани и за заштита на моралните вредности во светот.
„Станува збор за еден од најискусните ватикански дипломати, кој имал активност во различни земји и заземал одговорни позиции во надворешните односи на Ватикан“, потврди за агенцијата „Интерфакс“ јеромонахот Стефан Игумнов, секретар за односите меѓу христијаните во одделот за Надворешни црковни односи на Московскиот патријархат. Православниот претставник изрази увереност дека новиот нунциј ќе придонесе „значително за развојот на односите меѓу Руската Православна Црква и Црквата во Рим, веќе засилени, особено по средбата меѓу патријархот Кирил и папата Фрањо во Хавана“.
„Резултатот од оваа средба го потврди сегашниот контекст на билатералните врски, кои се надеваме дека ќе се развиваат и во соработка со новиот нунциј“, додаде јеромонахот Стефан, според кого од големо значење се заедничките напори на двете цркви за давање „помош на постраданите христијани на Блискиот Исток и за заштита на традиционалните морални вредности, кои денес се соочуваат со сериозни предизвици“.
РВ/В.Н.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк