Монсињор Томази: Сирија има потреба од политички дијалог наместо ескалација на насилството
Ватикан, 5.6.2013 /к.мк/ – Вистинскиот пат против „бескорисната и деструктивната трагедија“ во Сирија и на Блискиот Исток не е во „вооружувањето, туку дијалогот и помирувањето“. Овој апел го упати постојаниот набљудувач на Светата Столица во ООН во Женева монсињор Силвано Томази за време на состанокот на Комисијата за човекови права на тема „Влошување на ситуацијата со човековите права во Сирија“. „Разурнати се десетици илјади човечки судбини; над 1,5 милиони се бегалци, а повеќе од 4 милиони се принудени да ги напуштат родните домови – посочи ватиканскиот претставник. Оваа национална трагедија ја засилува опасноста да ги зајакне регионалните и глобалните конфликти и на политичките амбиции за власт на етничките и верските судири да им стават фундаменталистички предзнак, уништувајќи ја целата земја“. „Светата Столица секогаш инсистираше дека само мировните преговори можат да доведат до прифатливо решение на кризата – истакна монсињор Томази – и дека учеството на сите граѓански претставници во една евентуална влада може да обезбеди мирен, траен и конструктивен соживот на сите компоненти на сириското општество“. Сирискиот народ веќе „доволно многу има платено“ и „неописливото страдање“ на Сиријците „не треба да биде игнорирано од ниедна од страните во конфликтот“ – додаде постојаниот набљудувач на Светата Столица во ООН во Женева. „Сите се повикани да делуваат во името на мирот, за реконструкција и за нов почеток на човечките односи, базирани на човековите права и општото добро на човечкото семејство“. (В.Н.)