Прес конференција во авионот: Папата ќе патува во Унгарија, а сака да го посети и Либан

Прес конференција во авионот: Папата ќе патува во Унгарија, а сака да го посети и Либан

На вообичаената прес конференција во авионот на враќање од Багдад во понеделник, 8 март, папата Фрањо зборуваше за одредени моменти од неговиот престој во Ирак

Папата им изјави на новинарите дека размислува за патување во Либан, „земја во егзистенцијална криза“, која сѐ уште страда од непомирените различности. Маронитскиот патријарх Бехара Бутрос Раи му предложиl да го посети Либан во рамките на 33. Апостолско патување во Ирак, но Папата смета дека тоа нема да биде доволно со оглед на проблемите во земјата. Но, во писмото до либанскиот патријарх, Папата вети дека патувањето ќе се оствари. Истовремено, Светиот Отец изјави дека нема во предвид патување во Сирија, но ја истакна неговата блискост со „измачената и сакана“ земја.

Зборувајќи за впечатоци од Ирак, тој ја опиша средбата со големиот шиитски ајатолах Сајид Али Ал-Хусајни ал-Систани како важен чекор во разбирањето меѓу религиите и го стави на исто ниво со потпишувањето на Декларацијата за човечко братство во Абу Даби во февруари 2019 година. Тој документ, кој шест месеци беше подготвуван во тајност, кој го потпиша со големиот сунитски имам Ахмад ал-Тајеб го нарече прв чекор, а средбата со Али Ал – Систани втор чекор во меѓурелигиските односи и најави дека ќе следува и нов. Документот за братството е вдахновен од енцикликата Fratelli tutti”, рече Папата, нагласувајќи дека треба да се читаат заедно затоа што се со иста ориентација.

На прашањето дали средбата со високиот шиитски авторитет во Ирак е знак и за шиитите во Иран, Папата одговори дека тоа е „универзална порака“ затоа што се почувствувал „повикан на ова поклонение на верата и покајание“. Во ајатолахот сретнал „голем и мудар човек“, Божји човек. Деведесетгодишниот ајатолах го поздрави со почит и добредојде, а Папата „се чувствувал почестен“. Тој го опиша ајатолахот, кој не прими ниту еден политичар цели десет години, како „храбар и мудар човек“. Ги спомна зборовите на имамот Али, централна личност на шиитскиот ислам, кои ги цитираше ајатолахот Ал-Систани, дека човекот е или брат со вера или одраз во созданието, нагласувајќи „дека сите ние сме браќа заедно и мора заедно да напредуваме со останатите религии“.

Папата призна дека има критики и од католичките редови, но „за да се доближиме до другите, потребно е да се ризикува“. Овие одлуки секогаш се донесуваат во молитва и дијалог, и не се плод на расположение, туку од насоката поставена од Вториот ватикански собор.

Папата, исто така изјави дека бил длабоко потресен од посетата на урнатините на Мосул и останал без зборови пред уништените цркви и џамии. Притоа, тој остро ги осуди сите оние кои ги вооружуваат милитантите. Побара да бидат именувани и одговорни оние што продаваат оружје, повикувајќи ги барем да бидат искрени.

Папата меѓу другото истакна дека најмногу го погодило сведочењето на мајката која изгубила дете при првото бомбардирање од т.н. Исламска држава, која рече „Простувам“. Го изгубивме тој збор; да се прости, да му се прости на непријателот – тоа е чисто евангелие, истакна Папата.

Објаснувајќи ја својата одлука во сред пандемија да патува во Ирак, Папата истакна дека размислувал за ризиците и одлучил од внатрешно убедување, а грижата за луѓето била одлучувачка. За ваквата одлука придонесоа и потресните извештаи за судбината на Јазидите, кои страдаа особено од теророт на Исламската држава.

Папата на крајот им призна на новинарите дека патувањето го изморило многу повеќе од претходното, гледајќи наназад на неговиот 84 роденден. Во исто време, тој најави дека ќе ја предводи завршната света Литургија на Светскиот евхаристиски конгрес во Будимпешта.

На почетокот на разговорот со новинарите, Папата го поздрави новиот организатор на папските патувања – Диедоне Датону, кој го наследи во оваа служба Колумбиецот Маурицио Руедо Белц, кој премина во дипломатската служба. Светиот Отец  о честиташе Меѓународниот ден на жената, осудувајќи ја трговијата со луѓе и понижувањето на жените и нагласувајќи дека тие се „похрабри од мажите“. Папата Фрањо им се заблагодари на новинарите за следењето на посетата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот