Тема: Помирување со целото создание
„За да остане радоста Моја во вас, и радоста ваша да биде полна.“(Иван 15, 11).
Читање од посланието на Светиот апостол Павле до Колосјаните (1, 15–20)
„И сè преку Него се држи“
Тој е образ на невидливиот Бог, првороден пред секоја твар;. бидејќи преку Него е создадено сè што е на небесата и што е на земјата, видливо и невидливо; било престоли, било господства, било началства, било власти – сè е преку Него и за Него создадено. Он е пред сè, и сè преку Него се држи. И Он е глава на телото, односно на Црквата; Он е почеток, +првороден меѓу мртвите, за да има првенство во сè. Бидејќи во Него благоволи Отецот да има секаква полнота, и преку Него да измири сè со Себе, било земно, било небесно, творејќи мир со крвта на Неговиот крст.
Читање на светото Евангелие според Марко (4,30-32)
„Мало како синапово зрно“
„Со што да го споредиме царството Божјо, или со каква парабола да го прикажеме? Тоа е како синапово зрно, кое, кога се сее в земја, е помало од сите семиња земни; а кога се посее, израснува и станува поголемо од сите растенија, и пушта големи гранки, така што под неговата сенка можат да се засолнуваат птиците небески.
Размислување
Химната кон Христа во Посланието до Колосјаните нè повикува да му пееме славословие на Бога, кој го спасува целото создание. Преку распнатиот и воскреснатиот Христос е отворен патот за помирување. И на созданијата им е наменета иднината на живот и мир.
Со очите на верата гледаме дека Царството Божјо е реалност, која е блиска, но во исто време многу мала и едвај видлива, како семе синапово. Сепак, тоа расте. Среде страдањата на нашиот свет, Духот на Воскреснатиот дејствува. Тој нè охрабрува да се трудиме и со сите луѓе со добра волја заедно неуморно да се стремиме кон правда и мир, осигурувајќи Земјата повторно да биде дом на сите созданија.
Новиот живот кој го донесе Христос е светлина на надеж за многумина, колку и да е скриена. Тој е извор на надеж за целото создание и дарува радост која не доаѓа од нас самите: „За да остане радоста Моја во вас, и радоста ваша да биде полна.“(Иван 15, 11).
„Дали сакаш да го прифатиш и заживееш со новиот живот што Христос ни го дава преку Светиот Дух, во себе, меѓу нас, во Црквата, во светот и во целото создание?“
Молитва
Три пати Свети Боже, ти благодариме што нè создаде и што нè љубиш. Ти благодариме за Твојата присутност во нас и во созданијата. Научи нè да гледаме на светот како што Ти гледаше на нас: со љубов. Оспособи нѐ со светло на надежта, која ќе произлезе од нашата посветеност кон светот во кој цветаат правдата и мирот, за слава на Твоето име. Амин.
к.мк