Станете жива слика на Марија

Станете жива слика на Марија

Додека учествував на Маријанската Конференцијата во моите рани дваесетти години, имав кратка средба со еден многу свет свештеник, кој ја обликуваше мојата визија за тоа што значи, како жена, да гледам на Наша Блажена Мајка како идеален пример за мојот живот. Свештеникот се викаше отец Агнес, и непосредно пред конференцијата, последните 10 години од животот ги поминал во молитвена самотија на остров покрај брегот на Франција.

Отец Агнес беше главниот говорник на конференцијата. Јасно се сеќавам дека слушајќи го интензивно го чувствував Христовото присуство. Сакав да го запознаам, но во тие денови бев релативно срамежлива. Сепак, Бог имал план за нашата боженствена средба, и покрај мојата плашливост.

Откако отецот Агнес зборуваше, слезе од сцената; и луѓето почнаа во рој да се собираат околу него, чекајќи можност да се сретнат со овој човек, кој го озрачуваше Христос на таков длабок начин. Бев на далечниот крај од собата, мноштво нѐ одалечуваше еден од друг – а сепак, јасно поттикнат од Светиот Дух, отец Агнес одеше кон мене и ме праша за моето име. Кротко му одговорив. Тој ги затвори очите и го направи знакот на крстот на моето чело, додека велеше: “Кетлин, секогаш биди жива слика на твојата мајка полна со љубов, Марија”. Тогаш тој едноставно се повлече.

Стоев изнемоштена. Бог го употреби отецот Агнес да ми зборува, на еден голем начин, тој ден, а тие зборови – “ЖИВА СЛИКА НА ТВОЈАТА МАЈКА ПОЛНА СО ЉУБОВ, МАРИЈА” – се гравираа во моето срце и врежаа во мојата душа.

Имав повеќе од 20 години да го отпакувам богатото значење на зборовите што ми беа кажани за време на таа кратка средба, водена од Светиот Дух. Бог ми го прикажа и го прикажува на сите жени, совршениот модел на женственост во Наша Блажена Мајка – нашата “љубена Мајка Марија”.

Како можам да бидам жива слика на неа? Марија – чиста, нежна, благодатна, едноставна, понизна, љубовна, тивка, силна, верна, доверлива, самопожртвувана – работев на ова, и продолжувам да го правам тоа, ден за ден, момент за момент, една за една „Радувај се Маријо“. Мојот живот е работа во тек. Мојот пат до светоста е исполнет со камења што ја испитуваат автентичноста на мојата вера и служат како барометар на мојата духовна длабочина. Се огледувам во мојата Мајка, за да ме води на патот до светоста.

Ја молам Пресвета Богородица да го ОБЛИКУВА моето срце според МОДЕЛОТ на Нејзиното срце.

Свети Луис Де Монфорт вели: „Марија е калапот на Христос”. Таа постојано ги води луѓето кон својот син. Да се биде жива слика на Марија укажува на тоа дека моите постапки и моето срце мора да ги пленат другите и да ги привлечат кон Христа. Кога ќе паднам, се потсетувам дека иако Марија беше ослободена од грев, а јас очигледно не сум – имам откупител кој ми простува и ме лекува и Мајка, која ми поставува пример пред себе, за да се вратам назад и да го следам!

Кога мојот син Доминик почина на рана возраст од 4 месеци од SIDS (синдром на ненадејна смрт кај доенчиња), сестрата го стави неговото безживотно тело во моите раце за да држам за последен пат. Во тој миг, мислев на Пиетата, Пресвета Богородица, која го држеше безживотното тело на Спасителот во нејзините раце во подножјето на крстот. Таа знаеше за болката и маките што ги доживував. Моето срце се почувствува обединето на посебен начин со Марија. Моето подножје на Крстот, во болничката соба каде што го држев покојното тело на мојот син, исто така беше отскочна штица за моја подлабока почит кон она што го испатила Нашата Пресвета Мајка. Марија многу страдаше. Како што крстовите доаѓаа на мојот пат, гледав кон Марија, за да можам да ја следам Неа, во тоа како да ги носам.

Кога мојата земна мајка, со која бев многу блиска, почина пред 3 години, најдов утеха во сознанието дека имам небесна мајка што ме сака и продолжува да ми биде мајка. Марија ми претставува пример, можноста за светост, да ја најдам во улогата како жена и мајка. Деновите кога се чувствувам потполно неспособна како мајка и како брачен другар, се потсетувам дека Марија е и мајка на секое од моите деца и на мојот сопруг.

Ја молам Пресвета Богородица да го ОБЛИКУВА моето срце според МОДЕЛОТ на Нејзиното срце.

Додека секој ден сакам да растем во светост, благодарна сум за мисијата што ми беше дадена – да бидам “жива слика на мојата Мајка, полна со љубов, Марија”. Тоа е мисија за сите жени.

Дами – гледајте на нашата Блажена Мајка како ваш модел. Нека зборовите што ми беа мене кажани – ви зборуваат и вам!

Маријо, зачната без грев, моли се за нас, кои прибегнуваме кон тебе.

Извор: Кетлин М. Билинг/к.мк/Кате М.

Категорија: Вера, Семејство

За авторот