Во последниве години сè почесто се слуша дека брачните парови одат на одмор одделно. Тој со пријатели на планина, таа со пријателки на море. Едниот сака активен одмор, другиот сака мир и плажа. Едниот не може да земе слободни денови, другиот не сака да ги пропушти. На прв поглед, сето тоа звучи практично, современо и сосема разумно.
Но зад оваа појава се крие потполон поинакво прашање. Што значи одморот за еден брак? Дали тој е време за обнова на заедништвото, или уште една можност секој да си го живее својот живот одвоено од другиот?
Многу семејства и онака живеат под притисок. Работни обврски, ниски плати, иселување, сезонска работа, работа во странство, грижа за деца, грижа за родители, кредити, секојдневна трка. Многу сопружници реално поминуваат малку квалитетно време заедно. Ако и одморот, кој можеби е единствениот период во годината кога семејството може да здивне, се претвори во одделно патување, тогаш треба чесно да се запрашаме што градиме.
Секако, не секоја кратка разделба е проблем. Постојат ситуации кога е сосема разбирливо некој од сопружниците да отпатува сам. Работни обврски, здравствена потреба, посета на семејство, кратко патување со пријатели, или одмор кој навистина помага човек духовно и психички да се обнови. Бракот не значи дека човек престанува да биде личност, да има интереси и пријателства.
Но бракот значи дека повеќе не живеам како самец. Моето време, моите одлуки, моите планови и мојата слобода веќе не се само мои. Тие се дел од едно „ние“.
Токму тоа денешната култура сè потешко го прифаќа. Се зборува многу за самоостварување, личен простор, лични потреби, лични граници. Сето тоа може да биде здраво, ако е поставено правилно. Но кога личното остварување станува поважно од брачното заедништво, тогаш врската полека се претвора во договор меѓу двајца независни луѓе кои живеат еден покрај друг, а не еден со друг.
Католичкиот поглед на бракот оди подлабоко. Бракот не е само романтична врска, ниту практичен договор, ниту заеднички стан и заеднички трошоци. Бракот е завет. Во него сопружниците се даруваат еден на друг. Тоа дарување не се случува само на денот на венчавката, туку секојдневно, преку мали избори, трпение, простување, разговор, жртва и заедничко време.
Затоа одморот не е неважна работа. Тој покажува нешто за нашите приоритети. Кога сопружниците бараат време заедно, тие кажуваат дека нивната врска вреди труд. Кога постојано бараат време одвоено, можеби несвесно кажуваат дека заедништвото им станало товар.
Клучното прашање не е дали сопружниците некогаш смеат да бидат разделени неколку дена, многу поважно е зошто сакаат да бидат разделени. Дали одморот без сопружникот е плод на доверба, зрелост и реална потреба, или е бегство од разговори, тензии и нерешени проблеми?
Ако бракот е здрав, краткото одвојување нема да го уништи. Но ако бракот е веќе ослабен, одделниот одмор може само да ја продлабочи далечината. Проблемите не исчезнуваат затоа што сме смениле место. Неискажаните зборови патуваат со нас, дури и кога одиме на најубавата плажа или најмирната планина.
Особено опасно е кога сопружниците почнуваат да го живеат одморот како „мој живот без тебе“. Тогаш не станува збор за одмор, туку за мал тренинг за оддалечување. Денес една недела одделно, утре одделни интереси, потоа одделни пријателства, одделни планови, одделни светови. А бракот не се распаѓа секогаш одеднаш. Понекогаш се распаѓа пополека, незабележливо, преку навика да не се бара другиот.
Не е важно каде ќе одиме на одмор, на планина или на море, некаде во македонија во некоја рурална средина или во Грција или некоја друга дестинација со солена вода. Одлучувачки е дали знаеме и дали сакаме да бидеме заедно. Дали сакаме да прошетаме заедно, да седнеме на кафе без телефон, да разговараме без напнатост, да се помолиме заедно, да ги слушнеме потребите на другиот.
Одмор без сопружникот не мора веднаш да значи криза. Но може да биде знак што треба да се прочита внимателно. Ако разделбата ја зајакнува благодарноста и љубовта, можеби има свое место. Ако ја храни навиката да ни е полесно без другиот, тогаш треба да се вклучи алармот.
Во бракот не е најважно каде ќе се оди на одмор. Најважно е дали сопружниците уште сакаат да одат заедно низ животот.
к.мк

