Слово за живот, мај 2018

Слово за живот, мај 2018

А плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста. (Галатјаните 5,22)

Апостолот Павле им пишува на христијаните во покраината Галатија, кои од него го примиле навестувањето на евангелието, но тука им приговара дека не го разбрале значењето на христијанската слобода.

За израелскиот народ слободата била Божји дар. Тој ги избавувал од египетското ропство, ги повел во нова земја и со нив направил сојуз на взаемна верност.

Исто така Павле одлучно потврдува дека христијанската слобода е Исусов дар.

Тој ни дарува можност, преку Него и како Него, да станеме синови на Бог кој е Љубов.

Наследувајќи го Отецот како што Исус нé поучи[1] и тоа ни го покажа[2] со својот живот, и ние можеме да го научиме истиот став кон милосрдието кон сите, давајќи се себе си во служба на другите.

За Павле таа привидна несмисла на „слободата на служењето“ можна е преку дарот на Духот што Исус му го дари на човештвото преку својата смрт на крстот.

Токму Духот ни дава сила да излеземе од затворот на себичноста – со нејзиното бреме на поделби, неправди, предавства, насилства – водејќи нé кон вистинската слобода.

А плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста.

Освен што е дар, христијанската слобода е и обврска. Пред сé е обврска да го примиме Духот во нашето срце, давајќи му простор и препознавајќи го неговиот глас во нас.

Кјара Лубик пишуваше: „[…] Пред сé мораме да станеме што е можно повеќе свесни за присутноста на Светиот Дух во нас. Во нашето срце носиме огромно богатство, но не сме доволно свесни за тоа. […] Потоа, за да го слушнеме и да го следиме неговиот глас, мораме да кажеме ‘не’ […] на искушенијата, да престанеме со нивните предлози; ‘да’ на задачите кои Бог ни ги доверил; ‘да’ за љубовта кон сите ближни; ‘да’ за искушенијата и тешкотиите со кои се среќаваме…. Ако така направиме, Светиот Дух ќе нé води давајќи му го на нашиот христијански живот оној вкус, онаа сила, онаа борбеност, оној сјај кој мора да го има ако е автентичен. Тогаш и оние кои се со нас ќе забележат дека ние не сме само деца на нашето човечко семејство, туку деца на Бог“[3]

Светиот Дух нé повикува да се оттргнеме себе си од средината на нашите грижи за да примиме, слушаме и делиме духовни и материјални добра, да простуваме или да се грижиме за разни личности во различни ситуации што секојдневно ги живееме.

Тој став ни овозможува да го доживееме типичниот плод на Духот: растот на нашата човечност кон вистинската слобода. Тој ни помага во нас да дојдат до израз и да се развијат способностите и даровите кои засекогаш би останале закопани и непознати ако се повлечеме во себе.

Затоа секое наше дело е прилика која не треба да ја изгубиме кога би рекле ‘не’ на ропството и на егоизмот и ‘да’ на слободата и љубовта.

А плодот на Духот е: љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста.

Кој во срцето го прими делувањето на Духот, придонесува во изградбата на позитивните човечки односи преку сите свои секојдневни активности, семејни и општествени.

Претприемачот, сопруг и татко Карло Коломбино има едно претпријатие на северот на Италија[4].

Од шеесетина вработени, отприлика една четвртина не се италијанци, а некои од нив имаат драматични искуства. Новинарот кој му направи интервју раскажа: „И работното место може и мора да промовира интеграција. Се занимавам со рециклирање на градежен материјал и имам одговорност кон околината во регионот каде што живеам. Пред неколку години кризата тешко нé погоди. Што да се направи: да се спаси претпријатието или луѓето? Поттикнавме некои луѓе, разговаравме со нив, баравме помалку безболни решенија, но беше драматично, до таму што навечер не можев да спијам. Таа работа можам да ја направам добро или помалку добро. Се обидувам да ја направам што е можно подобро. Верувам во позитивната зараза со идеи. Претпријатието кое мисли само на заработувачка и на бројки, има иднина со краток здив. Во центарот на секоја активност е човекот. Верник сум, уверен дека спојот на доброто претприемништво и солидарноста не е утопија.“

Затоа храбро да го вклучиме нашиот личен повик на слобода, во опкружувањето каде живееме и работиме. Така ќе овозможиме Духот да ги допре и обнови животите на многу млади околу нас, ставајќи ја историјата кон хоризонтите на „радоста, мирот, великодушноста, долготрепеливоста…“

Летиција Магри

[1] Мт5,43-48; Лк 6,36;

[2] Мк 10,45;

[3] Сп. C. Lubich, Possediamo un Tesoro, Città Nuova, 44, [2000], 10, стр. 7.

[4] Претпријатието делува во составот на AIPEC, италијанско здружение на претприемачи кои се наклонети кон Економијата на заедништвото, економски модел втемелен на вредностите на солидарноста и на взаемноста. Види http://www.edc-online.org

Категорија: Вера, Духовност

За авторот