Молитвена осмина за единство на христијаните – Шести ден

Молитвена осмина за единство на христијаните – Шести ден

Тема: Да им посакаме добредојде на другите

„Јас ве поставив да одите и да принесувате плод, и плодот ваш да остане“ (Иван 15,16)

Читање од Првата книга мојсеева (18,1-5)

„Бог ги посетува Авраам и Сара“

Потоа му се јави Господ кај дабот Мамре кога седеше пред вратата од шаторот свој, на пладнина. Откако ги крена очите свои, виде Тројца мажи како стојат спроти него. Откако ги виде, им притрча во пресрет пред вратата на шаторот свој, и им се поклони доземи. И рече: „Господи, ако сум нашол милост пред Тебе, немој да го одминеш слугата Свој! Ќе Ви донесам малку вода: измијте ги нозете, па одморете се малку под ова дрво! И ќе Ви изнесам малку леб за да се поткрепите штом веќе навративте кај слугата Ваш, па тогаш продолжете го својот пат.” Тие рекоа: „Направи, како што рече!”

Читање на светото Евангелие според Марко (6, 30-44)

„Исус сочувствува со мноштвото“

И се собраа апостолите при Исуса, па Го известија за сè, и што направиле, и на што поучувале. А Он им рече: „Дојдете и вие во осамено место и одморете се малку.” Зашто мнозина доаѓаа и си одеа, така што немаа кога ни да јадат. И отидоа со кораб сами во осамено место. И ги виде народот кога си одеа; и Го познаа мнозина, па пеш од сите градови тргнаа таму; ги испреварија и се собраа при Него. А Исус, кога излезе, виде многу народ и се смилува над нив, зашто беа како овци без пастир; и +почна да ги поучува многу. И бидејќи веќе времето поизмина, учениците Негови пристапија кон Него и рекоа: „Овде е местово пусто, а и доцна е; распушти ги за да отидат по околните села и колиби и да си купат леб, оти нема што да јадат.” Он им одговори и рече: „Дајте им вие да јадат!” А тие Му рекоа: „Освен да отидеме и да купиме за двесте динарии леб, па да им дадеме да јадат?” Потоа Он ги праша: „Колку лебови имате? Отидете и видете!” И кога видоа, рекоа: „Пет лебови и две риби.” Тогаш Исус им рече на сите да поседнат на купчиња по зелената трева.. И поседнаа на редици по сто и по педесет. Он ги зеде петте лебови и двете риби, па, како погледна кон небото, ги благослови лебовите и ги прекрши, и им ги даде на учениците Свои, за да им ги стават пред нив; исто така им ги раздели и двете риби на сите. И јадеа сите и се наситија. И кренаа парчиња, од лебот и од рибите, полни дванаесет кошеви. А оние, што јадеа од лебовите, беа околу пет илјади мажи.

Размислување

Дозволуваме ли да се преобразиме од Христос, Неговата љубов во нас да расте и да донесе плод. Искажувањето добредојде на другите е конкретен начин на дарување љубов.

Во текот на целиот свој живот Исус ги прифаќал оние кои ги сретнувал. Ги слушал, им дозволувал да го допрат, не плашејќи се од нивното страдање.

Евангелскиот извештај за умножувањето на лебовите вели дека Исус сочувствувал со изгладнетите луѓе. Тој знае дека целиот човек мора да се храни и дека само Тој може вистински да ја смири гладта за леб и жедта за живот. Но, тој не го стори тоа без своите ученици, без она малку што можат тие да го обезбедат: пет леба и две риби.

Исус и денес нè повикува да станеме негови соработници и соработнички во неговата безусловна посветеност кон луѓето. Понекогаш е доволно и нешто многу малку и безначајно како пријателски поглед, отворено уво или нашето присуство за да се чувствува човекот прифатен. Ако му ги ставиме на располагање на Исус нашите безначајни способности, тој на изненадувачки начин ќе ги вклучи во неговото служење.

Тогаш ќе го искусиме она што го искусил Авраам, бидејќи ако дадеме – примаме, ако ги прифаќаме другите – ќе бидеме изобилно благословени.

„На гости го примаме самиот Христос.

„Дали оние што ги примаме ден за ден, наоѓаат во нас луѓе кои го покажуваат со Христос, кој е нашиот мир?“

Молитва

Исусе Христе, сакаме без задршка да ги прифатиме нашите браќа и сестри кои се со нас. Ти знаеш кога се соочуваме со нивното страдање, често се чувствуваме беспомошни, но Ти нè престигнуваш прифаќајќи ги со Твојата трајна и неизмерна милост. Проговори им преку нашите зборови, поддржувај ги со нашите постапки и дај Твојот благослов да биде врз сите нас. Амин.

к.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот