Во видео пораката со молитвената накана за месец март која ја објави Папската светска молитвена мрежа, папата Фрањо поттикнува на молитва за прогонетите христијански заедници да ја почувствуваат Христовата близина и за да им бидат признати нивните права.
Во некои краишта на светот да го направиш знакот на крстот, да ја читаш Библијата, да одиш на неделна света Литургија, да зборуваш за Исус и да молиш света Бројаница значи да го изложиш на опасност сопствениот живот. Моменталната ситуација е драматична и дури потешка од она во почетоците на христијанството.
Можеби ќе биде тешко да се верува – рече Папата во видео пораката, но денес има повеќе маченици отколку во првите векови. Се проценува дека во светот има речиси 300 милиони христијани прогонети заради нивната вера. Прогонети се – додаде Светиот Отец, затоа што ја зборуваат вистината и го навестуваат Исус Христос на денешниот свет.
Верската слобода загрозена во 38 земји
Според последниот извештај кој го подготви папската фондација „Помош на Црквата во неволја“ во 38 држави се спроведува тешко или екстремно кршење на верската слобода. Меѓутоа освен во земјите во кои тоа основно право не е загарантирано, прогон има и во земјите кои теоретски и на хартија ја штитат верската слобода и човечковите права – вели Папата.
Прогонетите заедници да ја почувствуваат Христовата близина
Христијанската вера е најпрогонувана во светот. Пред насилството на кое голем број христијани се жртви се воздигнува крикот кој доаѓа до Божјото срце, а тоа е гласот на молитвата. Заради тоа папата Фрањо во видео пораката бара да се обликува молитвена мрежа која ќе ги поддржува прогонетите заедници. Да се молиме за христијанските заедници, посебно за оние кои се прогонети, да ја почувствуваат Христовата близина и да им бидат признати нивните права – поттикнува Папата.
Папската светска молитвена мрежа
Папската светска молитвена мрежа е Папско дело. Нејзиното послание е да моли и да ги живее предизвиците на човештвото и посланието на Црквата. Тие предизвици кои Светиот Отец ги воочува, ги изразува во облик на молитвена накана која Папата ја доверува на целата Црква. Папската светска молитвена мрежа е основана во 1844 година како Апостолат на молитвата, присутна во 98 земји, а ја сочинуваат 35 милиони католици.
Ватикан њуз/к.мк