Преку тој модерен пост од телевизиски и електронски апарати – поединецот би нашол повеќе време за продлабочување на својот внатрешен живот.
(…) Во нашето денешно време на Великиот пост би било посебно соодветен – пост од телевизиските и електронските средства. Посебно затоа што тоа е примамливо за луѓето, посебно за младите, затоа што фаворизира многу работи: брзо знаење, лесно достапни задоволства, наводна поврзаност со светот (која всушност резултира со затворање во самиот себе, во својата соба и во својот интернет или некој електорнски апарат). Тоа станува свет на соништа, свет на зависности, запаѓање во загубеност во празниот нереален виртуелен простор.
Преку тој модерен пост од телевизиски и електронски апарати – поединецот би нашол повеќе време за продлабочување на својот внатрешен живот. Би нашол повеќе време за својот личен внатрешен живот, за свое усовршување во работата, за завршување на бројните работи кои – заради недостатокот на време – се завршуваат површински и на брзина, со голем број грешки. Благодарение на таквиот пост, семејството би можело почесто да се собира и би имале време за меѓусебно да разговараат – мажите и жените, децата и старите луѓе; би можело да се сослушаат децата, нивните тешкотии, да се восхитува на нивните благородни идеи, да се почувствуваат нивните желби. Сопружниците би можеле во меѓусебното дружење да излекуваат многу рани, да исправат многу недоразбирања, да откријат нови хоризонти и нови патеки во животот и за раст за себе, за децата и за поширокото семејство.
Тогаш семејството полесно би можело да најде време за разговор со Бог и во светлото Божјо да гледа на тешкотиите во животот и да ги насочи по Божјите патеки. Исус би станал Светлина во животот, како мана од небото.
Би се нашло исто така повеќе време за посета на болните – за пријателска средба со блиските на семејството. Од пасивни луѓе кои секој ги храни со што тој сака – преку интернетот и електронските средства – децата би станале возрасни личности, поактивни и покреативни, кои и сами ќе знаат да си подготват храна. Би се развивал сѐ повеќе критичкиот осврт и вреднување. Полесно ќе се откриваат стапиците на злото, како и сокриените повици на доброто. Би се воочило дека животот е посилен од смртта. Бидејќи знаеме добро – дека нашето срце секогаш работи, но секогаш е сокриено во својата тивка деноноќна работа за доброто на целиот организам.
Ова предупредување посебно е важно за денешниот човек – на кој змијата му шепоти и понатаму лажни ветувања дека во материјалните добра ќе ја има полнотата на животот: среќата, задоволството, богатството, сигурноста, моќта и власта над работите и луѓето.
Великиот пост е време кога треба добро да размислиме што е неопходно и важно за животот, каква е скалата на вредностите во поседувањето на добрата? Како да се раскинат синџирите кои нè заробуваат – во собата со неколку електронски апарати – и како да се отвориме за хоризонтите и перспективите на небесната димензија – преку Словото Божјо, преку набљудувањето на природата со благодарност на Отецот Кој сето тоа ни го дал и сака со тоа да господариме, а не да бидеме робови на тоа? (1Мој 28, 30)
Змијата е многу вешта со тоа што виртуелното сака да ни го претстави како реално, а луѓето и младите и старите и најмладите лесно да наседнат на тоа па да живеаат во простоии со мноштво огледала – на виртуелна маса и ден и ноќ.
Преку тој пост полесно може да се создаде мрежа од добри бранови на великодушност, солидарност, разбирање, простување, охрабрување.
Кое стебло е во центарот на мојот живот на семејството? Работата и делувањето?
Кое е тоа стебло – убаво и пријатно и вкусно кое го привлекува мојот поглед, вниманието? На кое стебло таткото на лагата ме наведува со него да јадам? (1Мој 3, 2-3) Мислам дека на многумина стеблото на виртуелноста им го привлекува вниманието и ги поттикнува на јадење, со него да јадат со часови и часови, дење, па и ноќе. И дека многумина со задоволство загризуваат во неговото овошје – затоа што изгледа убаво и пријатно. А последиците лесно се гледаат, па и многу стручњаци и научници, психолози и социолози упатуваат на злите последици од тоа јадење.
Доследно ќе биде и соодветно да се откажеме од тоа јадење. Тоа би било вистински Велики пост за денешно време. И добрите плодови би се виделе во многу луѓе, семејства и заедници. И тоа би упатувало во таа смисла да се продолжи и после Великиот пост. Да се молим за Божјо расветлување, да размислиме, да избираме и да делуваме.
Гласник мира/к.мк