Меѓурелигиска средба на Граунд зеро
Папата Фрањо по говорот во Стаклената палата на Обидинетите нации во Њујорк на 25 септември го посети Граунд зеро меморијалното место на терористичкиот напад на 11 септември 2001 година каде што е одржано меѓурелигиско спомен славење.
На славењето учествуваа и преставници на хиндуизмот, будизмот, еврејството и исламот. Сите ги поздрави месниот надбискуп кардинал Тимоти Долан.
Папата повика на мир помеѓу културите и религиите бидејќи е можно да се живее во мир во различностите. Нападите на 11 септември се случија заради менталитетот кој познава само насилство, омраза и освета и може да донесе само страдање, уништување и солзи. На ова место плачеме заради чувството на беспомошност наспроти неправдата, убивањето и неспособноста за решавање на конфликтите со дијалог. Овде го оплакуваме неправедното и бесмислено губење на невини животи заради немоќта за пронаоѓање на решенија кои го почитуваат општото добро. Притоа Папата се осврна и на актуелните конфликти и кризните подрачја кои и денес предизвикуваат страдање и болка.
Пред говорот Папата се сретна со членовите на семејствата на загинатите во спасувачката мисија во нападот на кулите, истакнувајќи дека делата на уништување секогаш се лични никогаш апстрактни или само материјални. Секогаш имаат лице, вистинска приказна, име. На лицата на членовите на семејствата видливо е лице на болка која сè уште нè потресува, но видливо е и друго лице на тага – моќта на љубовта и спомените кои нè исполнуваат. Овде, среде болката и жалоста видливо е и опипливо херојското добро за кое луѓето се способни. Во метрополата која изгледа безлична и осамена покажана е силна солидарност која произлегува од меѓусебното поддржување, љубовта и пожртвуваноста, рече Папата додавајќи притоа дека никој во тој момент не се засновал на бојата на кожата, националноста, религијата или политиката.
Осврнувајќи се на пожарникарите кои го загубиле животот спасувајќи ги другите, Папата истакна дека местото на смртта стана место на животот, химна на победата на животот, доброто над злото, помирувањето и единството над омразата и поделбите. Порачувајќи дека со Божја помош можно е од срцето да се прогонат чувствата на омраза, освета и огорченост, Светиот Отец повика на минута молчење и молитва за мир. Порача дека секој човек е повикан да биде пророк на помирување и мир во своите домови, семејства, училишта, општеството како и на сите оние места на кои изгледа дека војната никогаш нема да заврши.
Свои размислувања за меѓурелигиската толеранција изнесоа и месниот рабин Елиот Косгрове и имамот Калид Латиф. Папата на англиски јазик се помоли за жртвите и за мир, а по прочитаната медитација на хиндусите, будистите, христијаните и муслиманите потресно одекна еврејската молитва за покојните.
РВ/Д.И.