Меѓурелигискиот дијалог е разговор за човечкиот живот

Меѓурелигискиот дијалог не може да се ограничи само на поединци, на преставниците – одговорните на верските заедници, туку треба да се прошири колку што е можно повеќе на сите верници, нагласи папата Фрањо на екуменската и меѓурелигиската средба во Сараево на 6 јуни.

Меѓурелигискиот дијалог не може да се ограничи само на поединци, на преставниците – одговорните на верските заедници, туку треба да се прошири колку што е можно повеќе на сите верници, вклучувајќи ги различните подрачја на граѓанското општество. Меѓутоа, без обликуван идентитет, дијалогот е бескорисен и уште повеќе штетен – нагласи папата Фрањо на екуменската и меѓурелигиската средба со муслиманите, евреите и православните во Меѓународниот фрањевски студенски центар во Сараево.

Папата зборувајќи за пораката за соживот го истакна основањето на локалниот Совет за меѓурелигиски дијалог кој ги собира муслиманите, евреите и христијаните. Меѓурелигискиот дијалог овде како и во секој дел од светот е  неопходен услов за мир и како таков е обврска на сите верници – рече папата Фрањо.

Како што рече Светиот Отец меѓурелигискиот дијалог освен разгледување на големите теми за верата, пред сè е разговор за „човечкиот живот“. Со него се учи како заедно да се живее, да се запознаеш и да се прифатиш во своите различности, слободно според она што е секој од нас. Затоа треба меѓурелигискиот дијалог да се прошири колку што е можно повеќе на сите верници. Но, дијалог за да биде ефикасен и автентичен претпоставува изграден идентитет, бидејќи според зборовите на Папата без обликуван идентитет, дијалог е бескорисен и штетен.

Папата понатаму на верските водачи во Босна и Херцеговина ги нарече „први чувари на мирот“ и ја загарантира целосната поддршка на Католичката Црква во настојувањата околу градењето на мирот. Сите сме свесни дека пред нас престои долг пат кој треба да се помине. Но, да не дозволиме да се обесхрабриме заради тешкотиите и да продолжиме трајно да чекориме по патот на простувањето и помирувањето. Додека создаваме праведно сеќавање на минатото кое може да нè поучи, го избегнуваме самосожалувањето и взаемните обвинувања и се препуштаме Бог да нè очисти – поттикна Светиот Отец.

Овој град повторно може да стане знак на единство, место во кое различноста не би преставувала закана, туку богатство и можност за заеднички раст. Во светот кој за жал сеуште е уништуван од конфликтите, ова земја може да стане порака: да потврди дека е можно да се живее еден покрај друг во различноста, но во заедничко човекољубие градејќи ја заедно иднината во братство и мир – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот