Марија од Назарет пристигна во катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица

 На 19 мај во катедралата Успение на Пресвета Богородица во Струмица пристигна статуата на Марија од Назарет, која беше пречекана од мноштво верници и парохот о. Георги Трајков и капеланот о. Ристо Самарџиски.

Марија од Назарет и отец Леонарди на почетокот беа поздравени од парохот отец Георги Трајков кој ја пренесе радоста која се чувствува овие денови во парохијата поради повторната посета на статуата на Марија од Назарет. Потоа следуваше краток наговор на отец Леонарди, кој истакна дека оваа парохија и цела Европа имаат потреба од посветување на Безгрешното срце на Марија.

Во четвртокот 19 мај во 18.00 беше служена и света Литургија предводена од парохот отец Георги Трајков во сослужение на капеланот отец Ристо Самарџиски, отец Ванчо Назов, капелан во Нова Маала и Чанаклија и отец Леонарди. Во проповедта отец Леонарди истакна дека Марија е тажна кога нејзините деца не бараат некоја милост од неа и затоа ги поттикна присутните верници да не престануваат да бараат милости од Марија.

По литургијата следуваше целоноќно бдеење подготвено од младите од парохијата, пропратено со молитва и песни посветени на Марија.

Статуата Марија од Назарет претходно престојуваше во Радово, Петралинци, Сарај, Чанаклија, Нова Маала.

Марија од Назарет во сабота 21 мај 2016 година околу 10.00 часот ќе биде пренесена во парохиската Црква „Свети Иван Крстител“ – Струмица, каде истиот ден Н.В.П. д-р Киро Стојанов во 18.00 часот ќе служи света архиерејска Литургија, а потоа следува целоноќно бдение. Во недела околу 15.00 часот свечено ќе биде испратена за Гевгелија, а потоа ова поклонение продолжува во Богданци, Скопје, од каде ќе биде испратена за Косово.

к.мк

 Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Македонија

За авторот