Кубанските власти ќе помилуваат 3522 затвореници
По повод посетата на папа Фрањо на Република Куба, од 19 до 22 септември 2015 година, Државниот совет, односно врховното тело на извршната кубанска власт, одлучи да помилува повеќе од 3500 затвореници, земајќи ги во предвид: видот на кривичното дело, нивното однесување во затворот и здравствената сосотојба – објави дневникот Гранма, официјалниот весник на Кубанската комунистичка партија. Слична одлука беше донесена и по повод доаѓањето во таа земја на папа Иван Павле II во 1998 и на Бенедикт XVI во 2012 година.
Меѓу затворениците кои овој пат ќе бидат помилувани, се наоѓаат луѓе постари од 60 години и помлади од 20 години кои досега не биле казнувани, потоа хронично болни лица, жени, затвореници на кои им е одреден еден вид на полуотворен затворски режим, а исто така и странци, под услов нивните земји да го гарантираат нивното враќање во татковината.
Освен неколку исклучоци од хуманитарни причини, не се помилувани осудените за убиство, силување, злоупотреба на малолетници и тргување со дрога. Во затворот, исто така остануваат сите обвините за кривични дела против државната безбедност. Министерството за внатрешни работи ќе се координира со Министерството за труд, Министерството за социјална политика, Министерството за јавно здравје, поради социјална рехабилитација и здравствена заштита на помилуваните – пишува дневникот Гранма.
РВ/Б.Р.