Блажена Ана Колесарова

Блажена Ана Колесарова

Голем празник беше во Словачка за беатификацијата на првата мирјанка родена во земјата: шеснаесетгодишната Ана Колесарова умрела за да ја заштити својата чистота.

На евхаристиското славење за беатификација на Ана Колесарова кое се одржа на стадионот „Локомотива“ во Кошице, на 1 септември 2018 година, Светиот Отец го претставуваше кардиналот Џовани Анџело Бечу новиот префект на Конгрегацијата за прогласување на светци.

„Збогум татко! Исусе, Маријо и Јосифе… ви ја предавам душата.“ Веројатно тие се зборовите кои ги кажува на умирање девојчето застрелано од нејзиниот убиец, која не дозволила да биде силувана. Спред зборовите на свештеникот кој ја исповедал и причестил малку пред настанот и кој го служи погребението, таа умира во Божјата благодат и во регистерот е запишана како „hostiae sanctae castitatis – жртва за чистотата.“ Мислењето за светоста на Ана Колесарова или Анка (како што ја нарекуваат нејзините блиски) е здраво вкоренето во срцата на младите словаци, кои го одржуваат живо сеќавањето и низ мрачните години на комунистичкиот режим. Љубовта и почитта кон таа словачка Марија Горети никогаш не престанува „Блажена Ана го најде најголемото богатство: врската со Бог и за да го зачува даде сѐ што имаше – нејзиниот живот,“ рече кардиналот Бечу во својата проповед.

Обичен живот на вера и радост

Анка е родена во село Висока над Уом во источна Словачка, недалеку од границата со Украина, во длабоко религиозно семејството. Деновите ѝ се обележани со секојдневна света Литургија во која учествува од десетгодишна возраст, кога ја прима Првата света Причест. Во наредните години драматично се менува нејзиниот живот: нејзината мајка умира и таа ги презема обврските за грижата за домот во кој живее со татко ѝ и поголемиот брат, а со напредувањето на советскиот фронт неизбежно доаѓа и руската окупација на селото која ја заменува германската.

Цвет скинат предвреме

За време на еден напад на 22 ноември 1944 година, Анка и нејзините блиски се кријат во подрумот, но војник на Црвената армија ги открива. Таткото ја испраќа својата шеснаесетгодишна ќерка за да зготви нешто за војникот, за да му го отргне вниманието, но независно од тоа тој започнува да се загледува во младото девојче. Таа се спротивставува по што војникот ја застрелува пред очите на нејзиното семејство. „Младата Ана со своето мачеништво сведочи дека на злото, на насилството и на неправдата може да се спротивстави единствено со добро. Во таа ноќ исполнета со болка и плачење на таткото сведок на убиството на единствената ќерка, победува скапоцениот бисер на чистотата.“ рече кардиналот.

„Кој живее во Мене нема да умре“

Поради тешката ситуација, Анка е погребена веднаш, но погребот се служи и тоа во голема тајност една недела подоцна. Во меѓувреме парохискиот свештеник и друг свештеник кои го познавале девојчето започнуваат да ги разгледуват околностите околу смртта и да собираат писмени сведоштва. Кои подоцна стануваат вредни документи и помагаат да се зачуваат спомените за таа приказна. По падот на режимот започнува слободно да се зборува за Ана и за нејзината херојска смрт и многу млади ги посетуваат селските гробишта за да се молат пред надгробниот споменик на кој е напишано мотото на свети Доминик Савио: „Смрт, но не и грев.“

Пример за младите

Првото ходочастие е организирано од епархија во Кошице во 1999 година и од тогаш безбројни се „поклониците на радоста“ кои сакаат да се сетат на длабоката вера на Анка, која и дава смелоста да каже „не“ и да го следи примерот на непорочност. „Преку застапништвото на блажена Ана и според нејзиниот пример – заврши префектот обраќајќи им се на младите – живејте го Евангелието со радост секој ден, во лесните и во тешките ситуации. Блажена Ана нѐ учи дека вреди да се жртвува сѐ за Господ без да се прават компромиси со совеста.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот