Кардинал Черни: Достоинствена работа е онаа која води грижа за луѓето и за целото создание
Кардиналот Мајкл Черни, префект на Дикастеријата за унапредување на интегрален човечки развој, зборуваше на отворањето на советувањата на тема „Грижата е работа, работата е грижа“, каде што учесниците дискутираат за потребата од градење инклузивни заедници кои промовираат промени: „Посветете се заедно на промовирање на социјалната правда во светот на работата“
Работата отсекогаш била во центарот на општественото и пасторалното учење на Црквата, а денес е итно неопходно да се размислува за иднината на работата во контекст на големите промени што се случуваат во нашево време – истакна кардиналот Михаел Черни, префект на Дикастеријата за унапредување на интегрален човечки развој, отворајќи ја работата на Советувањата на тема „Грижата е работа, работата е грижа“, на која присуствуваа претставници на Ватикан и различни институции поврзани со Католичката црква, заедно со претставници на Светскиот совет на црквите, Меѓународната организација на трудот (МОТ), работничките и деловните здруженија, универзитети, истражувачки центри, невладини организации и други национални и меѓународни организации.
Да се заштити достоинството и правата на работниците
Примарната цел е секогаш да се заштити достоинството и да се промовираат правата на работниците – рече кардиналот Черни, цитирајќи зборови од папата Фрањо од 2021 година по повод 109. Меѓународна конференција на трудот: „Работа која не води грижа, која го уништува создаденото, која го загрозува опстанокот на идните генерации, не го почитува достоинството на работниците и не може да се смета за достоинствено“. Споменатата иницијатива, која трае деновиве, е втора фаза од проектот „Иднината на работата – работа според Лаудато си“, која Дикастеријата за унапредување на интегрален човечки развој ја следи од самиот почеток. Иницијативата беше започната во 2018 година со цел да се промовира социјалната правда во светот на работата, да се помогне да се слушне гласот на оние кои се на периферијата на овој свет и да се одговори на новите предизвици на локално, регионално и меѓународно ниво со конкретни активности.
Метода на „синодално“ слушање
Методата на работа кој го истакна кардиналот Черни е „синодално“ слушање, кое веќе беше успешно испробано за време на Социјалниот дијалог што се одржа во Чикаго во 2023 година, во претходната фаза од проектот. Се случи нешто несекојдневно – рече кардиналот. Благодарение на оваа метода, луѓето кои не се познаваа и поединци со многу различни мислења им беше помогнато да се слушнат еден со друг и на крајот заедно да се стремат кон резултат што никој не можеше да го предвиди или замисли. Преку ваквото меѓусебно слушање – додаде кардиналот – речиси неверојатните сојузници можеа заедно да се стремат кон заедничка цел, која во тој случај се однесуваше на хотелскиот сектор, надминувајќи ги личните интереси.
Да се градат заедници кои поттикнуваат промени
Затоа, префектот на Дикастеријата за унапредување на интегрален човечки развој се надева дека ова искуство може да се води и од Советувањето, кое сака – како што истакна – во пракса да ја сфати потребата од градење разновидни и инклузивни трансформативни заедници како поттикнувачи на промените, способни да ја интегрираат димензијата на односите типични за заедниците со ефективни сеопфатни акции од одздола кон горе, што ги бара нашето време, и со тоа да придонесе за планот за глобален развој. Ова се истакнува и во енцикликата Laudato si’, која кардиналот Черни ја цитираше на крајот: „Општествените проблеми мора да се решаваат со мрежи на заедници, а не само со збир на поединечни добри дела“.
Ватикан њуз/к.мк