Кардинал Паролин за посетата на Папата на Сараево

Мир вам! Под тоа гесло се одвива осмото меѓународно патување на папата Фрањо кое се очекува во сабота во Сараево. Папата ќе ги охрабри босанскохерцеговските католици, а целото население ќе го повика на мирољубив соживот и помирување.

Зборувајќи за посетата на Папата на главниот град на Босна и Херцеговина кардинал Пиетро Паролин, Папски државен секретар, рече дека Светиот Отец во прв ред сака да ги охрабри верниците католици кои живеат во Босна и Херцеговина и сето она што промовира пријателство, братство, меѓурелигиски дијалог и мир меѓу луѓето – истакна кардиналот, додавајќи:

За тоа зборуваат и логото и мотото на апостолското патување: гулабот држи во клунот маслиново гранче, крстот со тријаголник ги симболизира границите на Босна и Херцеговина, боите се државното знаме и потсетуваат на католичката заедница чии членови во најголем дел се Хрвати. Мотото на патувањето пак гласи: „Мир вам“, а воскреснатиот Исус така ги поздрави своите апостоли – објасни Папскиот државен секретар.

На прашање каква папата Фрањо ќе ја најде Босна и Херцеговина рече дека последиците на војната се највидливи во католичката заедница, од предвоените 800 илјади во Босна и Херцеговина останале околу 400 илјади католици. Во некои парохии се останати многу малку верници, младите заради невработеноста претежно се иселуваат, а паѓањето на наталитетот е забалежан особено во католичката заедница – рече кардиналот и се обиде да ја објасни несфатливата политичка структура на Босна и Херцеговина.

На прашање за состојбата на Католичката Црква рече дека Црквата и покрај многу тешкотии е верна на своето послание навестување на Евангелието на сите луѓе. Папата епископите на Босна и Херцеговина кога беа во посета ad Limina ги поттикна да помагаат на сиромашните и да се обидат да го запрат иселувањето на младите, да се заземаат за создавање на услови за вработување и социјална сигурност. Папата сака Црквата во сложеното општество да биде жив квасец – истакна кардинал Паролин.

На забелешка дека и ова патување е во знакот на мирот и соживотот помеѓу народите кардиналот рече дека е многу важно сите луѓе во Босна и Херцеговина да бидат еднакви за да можат да се чувствуваат полноправни граѓани, а тој е основниот услов за мир. Во таа смисла Босна и Херцеговина би можела да биде пример за другите земји во светот каде што не се прифаќа различноста и постојано се војува. Се надеваме дека ова патување на Папата ќе придонесе за подобрување на политичката атмосфера во земјата и ќе ги поттикне луѓето на пронаоѓање на причина за мир, помирување и општа благосостојба – заврши кардинал Паролин.

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот