Кардинал Паролин за атентатот во Тунис, Година на милосрдието и корупцијата
За ужасниот терористички атентат во Тунис, за Светата Година на милосрдието како и за корупцијата зборуваше Пиетро Паролин, државен секретар на Ватикан, разговор за Радио Ватикан пред обележувањето на дваесетипет годишнината од обновата на дипломатските односи на Светиот Престол со Романија.
Тоа што се случи во Тунис е многу сурово и нечовечко, навистина е незамисливо и е за секаква осуда. Да се надеваме дека во Божјо име повеќе нема да има насилства, истакна кардиналот, кој одговари и на прашањето за очекуваните плодови од Светата Година на милосрдието.
Како што говореше и свети Иван Павле II, милосрдието е Божји лек за злото на човештвото. Се надевам дека тој лек во оваа Света Година ќе се користи во многу големи количини и дека ќе успее да ги лечи сите зла и рани на ова општество што трпи, рече ватиканскиот државен секретар.
На забелешката дека корупцијата е големо зло во денешното општество, кардиналот рече дека лекот има ефект само ако личноста го зема и му овозможува да делува. Тоа значи дека сите заедно и поединечно треба да се борат против корупцијата: да се живее чесно, во сите ситуации од животот, да се настојува да се биде чесен и непорочен, истакна кардинал Паролин.
Осврнувајќи се,пак на дипломатските односи меѓу Светиот Престол и Романија, рече дека Светиот Престол сака да соработува со Романија за да се унапредат билатералните односи и да се промовира слогата и мирот во светот.
РВ/В.Н.