За значењето на патувањето на Папата во Марсеј на крајот од медитеранските средби зборуваше за ватиканските медиумите државниот секретар кардинал Пјетро Паролин. Тоа е можност да се промовира духот на поврзување и конкретност меѓу европските земји, особено во однос на прашањето за миграцијата
Потребно е Европа што поскоро да постигне консензус за Новиот пакт за миграција и азил – истакна државниот секретар кардинал Пјетро Паролин во интервју за ватиканските медиуми, во пресрет на апостолското патување на папата Фрањо во Марсеј на 22 и 23 септември, по повод завршувањето на медитеранските средби. Сите европски земји – посочи кардиналот – треба заеднички да ја преземат одговорноста за ситуацијата во Медитеранот, далеку од пароли и спротивставувања, земајќи предвид дека се работи за лица, а не бројки кога се зборува за ова слоевито и драматично прашање.
Светиот Отец ја прифати поканата да учествува на третото издание на Медитеранските средби, кои следат по средбите одржани во Бари и Фиренца, гледајќи во нив драгоцена можност за споделување и градење на општото добро – рече кардиналот. Медитеранските средби – додаде тој – во контекст што поврзува територии, народи, истории и различни религии, промовираат единство при соочувањето со заедничките и одлучувачки предизвици за иднината. Верувам дека Светиот Отец сака да биде сведок на овој дух на поврзаност и конкретност во Марсеј. Во Медитеранот во моментов главната дискусија е поврзана со прашањето за миграцијата, во кое освен тешкотиите, се истакнува и потребата за заеднички и со далекувидни визии да се решаваат проблемите – истакна кардиналот.
Да веруваме во дијалогот
На прашањето како да се изгради прифаќање, дијалог, мир, во свет кој едвај го препознава лицето на оние кои имаат потреба, државниот секретар рече дека е важно сериозно и ефективно да се почне да се верува во дијалогот, кој не е корисна алатка за афирмирање на сопствени ставови, туку е отворен пат за изнаоѓање заеднички решенија.
Кога размислуваме за драмата на мигрантите, треба да тргнеме од приоритетот на човечкото достоинство, во однос на сѐ друго, и легитимно е да се размислува за тоа при што треба да се избегне идеолошка мисла, на која предупредува Папата и која ги става теориите, честопати и пропагандата, пред реалноста. на фактите. Прашањето со миграцијата е повеќеслојна појава, која нема едноставни и брзи решенија, и која не треба да се решава со пароли и ветувања, туку, како што пред неколку дена соопшти Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации, со „обединети акции“.
Кризите не се случајни; потребно е преобраќање
Осврнувајќи се на фактот дека многу луѓе се принудени да ја напуштат својата земја, кардиналот Паролин рече дека иако војните, сиромаштијата и насилството ја наметнуваат одлуката да ја напуштат сопствената земја, не смееме да заборавиме дека тие се предизвикани од оние кои вршат насилство, кои предизвикуваат конфликти, оние кои носат политички одлуки чија цел не е општото добро. Затоа, за да се разбуди меѓународната заедница, првиот чекор – според кардиналот Паролин – е да преземеме одговорност за одлуките што ги носиме секој ден во нашите домови, во нашите семејства, меѓу пријателите, на работа, на училиште, во нашите општествата и владите. Според тоа, кризите не се случајни, туку се прашања на лични и заеднички одлуки. Би рекол дека преобраќањето е неопходно – истакна кардиналот Паролин.
Солидарност на национално и меѓународно ниво
Деновиве се засили приливот на мигранти на италијанскиот брег, особено на Лампедуза. На прашањето што да им се каже на жителите на тој остров кои со години бараат да не бидат оставени сами, кардиналот рече дека, пред се, ниедно добро дело не е излишно, ниту еден гест на љубов и милост не е залуден.
Сепак, оние кои се вклучени во грижата за мигрантите и бегалците не можат да бидат оставени сами во справувањето со овие ситуации, без поддршка од владите. Потребна им е солидарност на национално и меѓународно ниво – посочи државниот секретар и додаде дека сите европски земји треба заеднички да преземат одговорност за состојбата на Медитеранот.
„Мозаик на надеж“
Очекувањата од средбата во Марсеј се содржани – според кардиналот Паролин – во самиот наслов на средбата, кој гласи „Мозаик на надеж“. Имено, станува збор за оживување на надежта и тоа – во време во кое владее атмосфера на голема нетрпеливост и рамнодушност. Тука мислам на појавата на миграцијата, но и на предизвиците за мирот, климатските промени, борбата против гладта… Во оваа смисла, средбата во Марсеј е можност да се промовира надежта на конкретен начин – истакна државниот секретар кардинал Паролин.
Ватикан њуз/к.мк