Кардинал Амато: Кардинал Рацингер е голем пастир

Кардинал Амато: Кардинал Рацингер е голем пастир

На иницијатива на ватиканската фондација Јозеф Рацингер – Бенедикт XVI на 24 ноември 2016 година на Папскиот универзитет Светиот Крст во Рим започна меѓународниот симпозиум на тема „Есхатологијата, анализа и перспективи“.

На крајот на симпозиумот на 26 ноември 2016 година во Апостолската палата ќе биде одржана свеченост за доделување на наградата Рацингер која се нарекува „Нобелова награда за теологија“. Добитници се Инос Бифи и Јоанис Куремпелес, а наградата ќе им ја додели папата Фрањо.

Средбата ја отвори кардинал Анџело Амато префект на Конгрегацијата за прогласување на светци со излагање за светците и есхатологијата. Во посебно интервју за Радио Ватикан кардиналот кој беше соработник на Јозеф Рацингер во Конгрегацијата за наука на верата се осврна на теолошката мисла на почесниот Папата, за љубовта на папата Фрањо кон теологијата за светците и на расправата помеѓу теолозите за некои точки во научителството на папата Фрањо.

Кардинал Рацингер кој беше голем пастир – рече кардиналот – многу размислуваше за важните реалности на верата и не само за есхатологијата, туку и за христолошката реалност, за Тројството, за теологијата на светите Тајни… Кардинал Рацингер како теолог стручњак добро ги познава тие аспекти и високо ја вреднува теологијата на светците затоа што во своите дела често се наведуваат зборови од светците кои биле истакнати во својата наука, но и за тоа како ја толкувале и прикажувале католичката наука во своето време.

На новинарско прашање дека има некои кои гледаат дисконтинуитет помеѓу папата Бенедикт и папата Фрањо исто така што се однесува до теолошките аспекти, кардинал Амато тоа решително го отфрли и истакна дека папата Фрањо е папа со многу висока теолошка и пасторална култура. Повеќе ја истакнува пасторалната страна – додаде кардиналот – но поседува висока теолошка култура и многу големо почитување кон теологијата на светците. Папата Фрањо е многу отворен во вреднувањето на тие христијански примери за да покаже дека и науката, добро подготвениот катехизам може да го води христијанскиот живот, а најмногу може да допринесат примерите во конкретен живот, а тие се на светците – истакна кардинал Амато.

Што се однесува пак до чувствата дека во тек е поларизирана расправа дури и внатре вo теолошките заедници за некои точки од научителството на папата Фрањо кардиналот пред сѐ рече дека расправата е дел од човечкото битие: постои прашање и одговор! – истакна кардиналот. Реалноста би требало да биде таква, расправата да продолжи, но секогаш во взаемно почитување – рече кардинал Амато и додаде дека тој не гледа поларизација, но несомнено расправата е корисна затоа што ставовите секогаш можат да се надополнуваат и подобруваат.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот