Исус те прегрнува со многу љубов! Не плаши се!

Излегувајќи од исповедилницата ја чувствуваме Божјата сила која ни го враќа животот и го обновува пламенот на верата. По исповедта повторно сме родени – истакна Светиот Отец во хомилија во базиликата Свети Петар по повод покорничката богослужба.

Излегувајќи од исповедилницата ја чувствуваме Божјата сила која ни го враќа животот и го обновува пламенот на верата. По исповедта повторно сме родени – истакна Светиот Отец во хомилија во базиликата Свети Петар во сабота 14 март по повод покорничката богослужба. Со тој литургиски чин Папата ја отвори иницијативата „24 часа за Господ“ што ја предложи Папскиот совет за промовирање на нова евангелизација и во рамките на која црквите во целиот свет се отворени од петокот до саботата – вчера и денес – цел ден и ноќ, со можност за исповед.

Светата Тајна Помирување – рече Папата во хомилијата – ни овозможува со доверба да му се приближиме на Отецот и да имаме сигурност дека ни простува. „Тој навистина е богат со милосрдие и изобилно го дава на оние кои му се обраќаат со искрени срца.“ Тоа е искуството на неговата љубов, меѓутоа пред сè плодот на неговите милости – истакна папата Фрањо, објаснувајќи дека е преобразувањето на срцето кое води до исповедување на гревовите – е Божји дар.

Допирот на Божјата добрина ни овозможува да му пристапиме на свештеникот без страв заради нашите гревови, имајќи сигурност дека нè прима во Божјо име и дека нè разбира без оглед на нашата беда – рече Папата и додаде: Добро е да го почувствуваме милосрдниот Исусов поглед, како што го почувствувала грешницата во куќата на Симон фарисејот, како што го дава евангелистот Лука. Во тој евангелски дел се истакнати два збора: љубов и суд.

Овде е љубовта на грешницата која се понижува пред Господ. Но, претходи Исусовата милосрдна љубов кон неа која ја поттикнува да му пристапи, со солзите да му ги измие нозете, да ги бакне и да ги помаза – објасни Светиот Отец. Секој нејзин гест ја изразува љубовта и желбата за непоколеблива сигурност дека и е простено – сигурноста која Исус и ја дарува. Таа е во љубовта родена за нов живот. Протагонист на таа средба е љубовта, милосрдието кое ја надминува правдата – заклучи Папата.

Од друга страна Симон фарисеј кој не успева да го пронајде патот на љубовта и останува на прагот на формалноста. „Грда е таа работа – формална љубов“ – рече папата Фрањо. Симон се ограничил само на тоа да Го повика Исус на ручек, но вистински не Го прифатил. „Во своите мисли се повикува само на правдата – и така постапувајќи, греши. Неговиот суд за жената го одделува од вистината, како што не му ни дозволува да сфати кој е неговиот гост. Запрел на површината – на формалноста – и не бил способен да гледа во срцето.“ Дури кога одговорил на Исусовото прашање – дека повеќе го љуби оној кому му е повеќе простено – кога неговата осуда се свртува на љубовта – дури тогаш е во право – објасни Папата.

„Исусовиот повик нè поттикнува никогаш да не запреме на површината, особено кога е во прашање човек“ – рече понатаму Светиот Отец. „Повикани сме да гледаме повеќе, да се концентрираме на срцето“, бидејќи никој не може да биде исклучен од Божјото милосрдие“, а „Црквата е куќа која сите ги прифаќа и никој не одбива.“ „Колку што е поголем гревот толку поголема треба да биде љубовта која Црквата ја искажува на оние кои се обраќаат“ – рече папата Фрањо.

Исус со нашите гревови постапува како што постапува милосрдниот Отец кон изгубениот син. Тој се враќа со подготвени зборови, но Отецот не му дава да дојде до зборовите, туку го прегрнува. Исус „те прегрнува со многу љубов! Не плаши се“ – поттикна на крајот Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот