Исус го расветли таинството на нашата смрт

Исус го расветли таинството на нашата смрт

Папата Фрањо на Генералната аудиенција, на 18 октомври 2017 година, потсети дека Исус дојде за да нè исцели и да нè спаси од смртта.

Соочени со реалноста на смртта, која нашата современа цивилизација настојува се повеќе да ја избрише, мораме да сфатиме дека за оној кој верува смртта претставува ширум отворена врата, додека за оној кој се сомнева таа е искра од светлина која се пробива низ вратата, која не е целосно затворена. Во секој случај, за сите ќе биде милост кога тоа светло ќе нè просветли – истакна папата Фрањо за време на Генералната аудиенција, на плоштадот Свети Петар, на 18 октомври 2017 година, продолжувајќи со серијата катехези за христијанската надеж. Во своето размислување се фокусираше на прашањето за смртта, поточно размислуваше на темата „Блажени се мртвите, кои умираат во Господ.“

Папата потсети дека во минатото било вообичаено интезивно да се занимаваш со реалноста на смртта, додека денес таа реалност се настојува да се прикрие или дури избрише. Старите генерации ги подучувале младите, на смртта да се гледа како на неизбежен настан кој претставува повик да се живее за нешто трајно, за нешто поголемо од нив самите. Но, кога човекот денес се среќава со таинството на смртта, често не е подготвен и му недостасуваат соодветни зборови.

Смртта го разголува нашиот живот – рече Светиот Отец – ни покажува дека нашите дела на горделивост, гнев и омраза биле суета. Тешко нам што не сме љубеле доволно и што не сме трагале за она најважното. Но, исто така го гледаме она добро што сме го посеале: нашите чувства за оние за кои сме се жртвувале, и кои сега нè држат за рака.

Папата Фрањо рече дека Исус го расветли таинството на нашата смрт. Тој плачеше над смртта на својот пријател Лазар и го врати повторно во живот. Истото го направи и кога Јаир, кој бил началник на синагогата, го замолил да ја оздрави неговата ќерка. Кога во еден момент дошле да му соопштат на Јаир дека неговата ќерка умрела, Исус му вели на Јаир: Не плаши се! Само верувај! (Мт 5, 36), пред да ја врати девојката во живот.

Исус нè поставува на тој „гребен“ на верата – рече Светиот Отец. Нашето цело постоење се одигрува овде, помеѓу верата и бездната на стравот. Исус не рекол дека е смрт, туку дека е воскресение и живот. Меѓутоа, веруваме ли во тоа? – праша Папата. Ние кои сме присутни овде на плошатадот, веруваме ли во тоа?

Ние сите сме мали и беспомошни пред таинството на смртта – продолжи папата Фрањо. Но, голема е благодатта ако во тој момент во срцето го чуваме пламенот на верата. Исус ќе нè фати за рака, како што ја фатил ќерката на Јаир, и уште еднаш ќе повтори: „Талита кум – Девојко! Ти заповедам, стани!“ На секому од нас ќе му каже: „Стани!“ Светиот Отец, затоа ги повикува верниците да ги затворат очите и да размислуваат за својата смрт, да го замислат моментот во кој Исус ќе ги фати за рака и ќе им каже: „Стани!“

Тогаш надежта ќе престане и ќе стане реалност, реалноста на животот. Добро размислете за тоа: самиот Исус ќе дојде до секој од нас и ќе нè фати за рака, со својата нежност, со својата благост, со својата љубов – рече Папата и заврши: Тоа е христијанската надеж пред смртта. За оној кој верува смртта претставува ширум отворена врата; за оној кој се сомнева таа е искра која продира низ вратата која не е целосно затворена. Но, за сите нас ќе биде милост кога тоа светло, средбата со Исус, ќе нè расветли.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот