Исус бара од нас храброст за постигнување на договор за да се запре омразата

Исус ни дава три одредници со чија помош можеме да ги надвладееме меѓусебните конфликти: реализам, вистина и синовски однос – истакна папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на 12 јуни во капелата на домот Света Марта, во која зборуваше за братската љубов со која Исус ги поучувал своите ученици.

Светиот Отец во проповедта зборуваше за делот од денешното Евангелието, за Господовиот разговор со учениците за братската љубов. Папата истакна: Исус вели дека мора да го љубиме ближниот, но не како фарисетите. Тие не биле доследни и ги нијансирале своите идеи, бидејќи, како што рече Папата „биле идеолози“. Нивниот став не бил „љубов“, туку „рамнодушност кон ближниот“.

Меѓутоа, Исус ни дава три одредници. Првата одредница е здравиот реализам. Ако имаш нешто против некого и не можеш тоа да го решиш, побарај некое решение, барем договори се со својот противник. Тоа не е идеално решение, но секој договор е добра работа. Тоа е реализам – рече Светиот Отец.

Потребен е напор за да се постигне договор, иако има и такви кои тоа го сметаат за премногу импровориран – рече Папата и додаде дека договорот може да спаси многу работи. Едниот ќе направи еден чекор, другиот ќе направи уште еден чекор и барем владее мир; тоа е несовршен, привремен мир, но, мирот е договор – истакна Светиот Отец – напоменувајќи дека Исус ја истакнува способноста за воспоставување на меѓусебни договори и важноста да се надвладее фарисејската праведност. Има многу човечки ситуации во кои треба да се договориме додека сме на патото и така ќе ја запреме омразата и меѓусебната борба – додаде Папата.

Втората одредница која ни ја дава Исус е вистината – рече папата Фрањо и истакна дека озборувајќи некој го убиваме, бидејќи во коренот е истата омраза. Го убиваш, но на еден поинаков начин – со брборење, клевета, озборување. Исус нѐ предупредува: „Оној кој на братот ќе му каже „глупав“, тој го убива братот, бидејќи тука во коренот е омразата.

Денес мислиме дека да не го убиеме братот е да не му го прекинеме животот, но не: да не го убиеш значи да не го навредиш. Навредата – според зборовите на Папата – произлегува од коренот на злото. Ако не мразиш и не сакаш да го убиеш својот непријател, својот брат, немој ниту да го навредуваш. Меѓутоа, да бараш навреда е многу раширен обичај меѓу нас – рече Светиот Отец. Има луѓе кои имаат посебна воодушевувачка способност за изразување на својата омраза кон друг човек. А тоа е лошо. Важна е одредницата на реализмот. Одредницата на доследноста. Немој да убиваш, немој да навредуваш – рече папата Фрањо.

Третата одредница која Исус ни ја дава е синовскиот однос. Ако не смееме да го убиеме братот, тоа е затоа што ни е брат, односно имаме ист Отец – објасни Папата. Не можам да одам кај Отецот, ако не сум во мир со својот брат. Не разговарај со Отецот ако не си во мир со својот брат, барем преку некој договор – поттикна Светиот Отец и ги повтори трите важни одредници: одредницата на реализмот, одредницата на доследност, односно не треба да го убиеш, но не треба ниту да го навредуваш, бидејќи кој навредува тој убива; и одредницата на синовскиот однос, односно не можам да зборувам со Отецот, ако не можам да разговарам со својот брат.

Тоа значи да ја надвладееш праведноста на фарисеите и книжниците – истакна Папата и рече дека тој план не е лесен, но е пат кој ни го покажува Исус за да одиме напред. Да молиме од Него милост за да можеме да одиме напред во меѓусебен мир, па макар и низ договори, но секогаш во доследност и во дух на синовски однос – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот