Папата ја посети патријархалната катедрала Светисковели

Последниот настан на 1 октомври од посетата на Папата на Грузија беше посетата на патријархалната катедрала во Мцхет Светисковели.

Папата прво зборуваше за христијанскиот идентитет кој „се одржува со длабока вкоренетост во верата и отвореност и подготвеност, а не крутост и затвореност.“

„Ова свето место – продолжи папата Фрањо – потсетува дека христијанската порака со векови била носечки столб за грузискиот идентитет: таа понудила стабилност низ толку преврати, дури и кога – за жал неретко – земјата била препуштена сама на себе. Но, Господ никогаш не ја напуштил саканата грузиска земја затоа што „верен е Господ во сите Свои зборови и свет во сите Свои дела. Господ ги придружува сите што паѓаат и ги подига наведнатите.“ (Псалм 144, 13-14).

Папата Фрањо потсети дека сме повикани да бидеме „едно во Христос Исус“ (Галат 3, 28) и покрај нашите ограничувања и независно од нашите последователни културни и општествени разлики, поттикнувајќи ги христијаните да избегнуваат несогласување и поделби затоа што многу повеќе е она што нè обединува отколку што нè дели.

Исто така Светиот Отец порача дека убавината на христијанскиот живот се чува не со попуштање пред затворените начини за размислување кои внесуваат темнина во животот, туку со подготвеност да се прифати и да се учи, да се биде просветлен со сè што е убаво и вистинско и продолжи:

„Нека соработката и братството нè зацврстуваат на секој степен! И нека молитвата и љубовта нè направат поподготвени да ја прифатиме Господовата искрена желба сите кои преку проповедувањето на апостолите веруваат во Него „да бидат едно“ (Ив 17, 20-21)“, рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот