Неодамна, напишав статија за мојот парохиски билтен за тоа зошто мораме да понудиме охрабрување – не настрана погледи – на родителите кои ги носат своите деца на Литургија. Севкупно реакциите беа позитивни, но еден читател ми испрати писмо сугерирајќи дека треба да ги оставам децата дома, за да можам „целосно да го примам Христа”. Тоа беше доста благородно, но поентата беше јасна: Децата се слатки, но не припаѓаат во црква.
Ако ние сме навистина луѓе кои се за-живот, тогаш, како можеме да не им посакаме добредојде на децата – иднината на Црквата – на Литургија? Следниве причини се пет причини зошто верувам дека децата од сите возрасти припаѓаат во Црквата, заедно со нас.
1.Овозможувањето на децата да бидат отсутни без причина од Литургија ја поткопува обврската на родителите да започнат верско образование во најраните години на детето (ККЦ 2226). Не само што ќе биде многу потешко да се научи постаро дете, кое ретко одело на Литургија, да се однесува пристојно на Литургија, туку оставајќи ги децата дома испраќаме порака дека Литургијата не е за деца. Редовното присуство на Литургиите е задолжително, за да им помогнеме да ја препознаат светоста на Евхаристијата и да ја ценат нивната вера.
Всушност, папата Бенедикт XVI ги повикува родителите да направат неделната Литургија да биде семеен настан. „Родителите се повикани да ги натераат своите деца да ја откријат вредноста и важноста на одговорот на Христовата покана, кој го повикува целото христијанско семејство на неделна Литургија”, изјави папата пред присутните на плоштадот Свети Петар на 13 јуни 2005 година. Забележете дека рече целото христијанско семејство, а не само оние доволно стари кои добро ќе се однесуваат или оние кои ќе примат Евхаристија.
Исус нѐ повикува сите нас на Неговата трпеза – и Тој им даде посебна покана на децата, велејќи: „Оставете ги децата да приоѓаат кај Мене.”.
2.Носењето на децата на Литургија помага во негувањето на нивниот внатрешен живот. Раните лекции оставаат трајни впечатоци, велат научниците за развој на децата. Добрите родители ја препознаваат важноста од негувањето на своите деца, физички и емотивно во текот на нивните години на формирање. Но, ако не успееме да го негуваме и нивното духовно јас, тогаш не се посветуваме на целото дете. Ние можеме да ги поучуваме за верата во рамките на ѕидовите на нашата домашна црква, но да се биде во присуство на Христос, заедно со оние што Го љубат е она што навистина го буди духовното јас.
Освен тоа, може да бидете изненадени од тоа што сè едно мало дете може да научи од Литургијата. Моето четиригодишно дете ме праша дали, тоа што јас го јадам и пијам, навистина се телото и крвта на Христос. За среќа, пред да имам можност да одговорам (не бев сосема подготвена да почнам да објаснувам), мојата ќерка му рече: „Навистина е така, знам дека е така”. Онаму каде што недостасува знаење, мудроста честопати тече длабоко. И децата се способни да ги добијат Божјите милости.
3.Редовното посетување на Литургијата помага децата да го најдат својот вистински дом. Иако моите деца постојано се со мене на оваа возраст, знам дека нема секогаш да бидам тука за да ги водам. Но, Бог никогаш нема да ги напушти, секогаш ќе биде покрај нив. Нивниот вистински дом е со Бог во Неговата Црква, но тие ќе научат да го препознаваат како дом, само ако ги носам на Литургија од рана возраст. Ние не можеме да ја отвориме вратата на Црквата при Крштение, а потоа да им ја затвориме пред нос, сѐ додека не се сметаат за зрели за да бидат дел од Телото Христово.
4.Ние сме едно тело. Бог копнее за целото семејство да се собере околу трпезата. Во кршењето на лебот, ние прогласуваме дека ние сме едно во Бога. Литургијата ги обединува луѓето од сите сфери на животот и нè поврзува со сите наши браќа и сестри во Христа. Нема простор за нетолеранција на трпезата Господова.
5.Литургијата не е за мене. Не е ниту за тебе. За разлика од нашите протестантски браќа и сестри, кои честопати ги одделуваат децата од возрасните за да учествуваат во инспиративното обожавање, Католиците одат на Литургија за да му се заблагодарат на Бога и да го примат Телото и Крвта Христова. Сè што правиме за време на Литургијата е во спомен на Него.
Иако е идеално да уживате возвишено и без вознемирување во Литургијата, треба да се концентрираме на фактот дека Исус ја пролеал Својата скапоцена крв за сите нас – доенчиња, мали деца, хендикепирани, млади, стари, дури и за тинејџерка која е невкусно облечена (која веројатно вознемирува како и секое бесно тригодишно дете).
Можеби би сакале да не беше така, но Телото Христово не е секогаш убав поглед. Никој од нас не е достоен да биде во присуство на Христос, но Тој сепак се појавува. Не само што треба да се појавиме, туку и да ги поздравуваме сите – млади или стари, големи или мали – што ќе дојдат на Господовата вечера.
Kate Wicker/к.мк/Кате М.