Папата Фрањо објави порака по повод годишнината од Моту проприото на Павле VI. „Ministeria quaedam“ и истакнува дека е корисно со бискупските конференции ширум светот да се споделат искуствата од последните години за да се продолжи патувањето без присилување на избор „кои се резултат на идеолошки визии“.
Поминаа 50 години од објавувањето на Моту проприото на Павле VI. „Ministria quaedam“, која ги реформира нижите служби и воспоставува лаички служби. По тој повод беше објавена пораката на папата Фрањо потпишана на 15 август, во која тој најавува дека сака да започне дијалог со бискупските конференции ширум светот „за да можат да го споделат богатството на искуствата на службите во Црквата кои ги искуси во овие педесет години“, без разлика дали се работи за воспоставените служби (лектори, аколити и неодамна катехисти), или за вонредни и де факто служби.
Целта, објаснува Папата во својата порака, е „да можеме да го слушаме гласот на Духот и да не го запреме процесот, внимавајќи да не го присилуваме со наметнување избори кои се резултат на идеолошки визии“. Затоа, папата Фрањо смета дека „корисно е да се споделат искуствата од последните години, посебно во атмосфера на синодалното патување. Тие можат да понудат драгоцени совети за тоа како да дојдеме до хармонична визија за прашањето за службите и на тој начин да продолжиме по нашиот пат“.
Патот на папата Монтини и писмата на папата Фрањо
Папата Фрањо во својата порака потсетува дека Моту проприото на Павле VI. не само што ја обнови дисциплината на нижите редови и подѓаконите, „туку и понуди на Црквата важна перспектива која има сила да поттикне понатамошен развој“.
Потсетуваме дека за време на синодата за Амазонија се разговараше за можноста за понатамошен развој на службите. Папата Фрањо зборуваше за ова во две апостолски писма: во првото, „Spiritus Domini“, од 10 јануари 2021 година, пристапот до воспоставената служба на лектор и аколити им е дозволен и на жените. Со второто писмо „Antiquum ministerium“ од 10 мај 2021 година е воспоставена службата катехист.
Тие две писма, објаснува Папата, „не треба да се толкуваат како надминување на претходната доктрина, туку како понатамошен развој што е овозможен, бидејќи се засноваат на истите принципи – во согласност со Вториот ватикански собор“ кој го вдахнови Павле VI.
Папата Монтини, прифаќајќи ги барањата на „значителен број“ соборски отци, пред педесет години всушност „на бискупските конференции им даде можност да побараат од Светиот Престол да ги воспостави оние служби кои се сметаат за неопходни или многу корисни во нивните области. Дури и молитавта при бискупската хиротонија, во делот на застапништвото, меѓу главните задачи упатува на организирање на службите.
Основа на секоја служба
Папата Фрањо објаснува дека „темата е од фундаментално значење за животот на Црквата: всушност, не постои христијанска заедница која не изразува служба“, како што покажуваат посланијата на свети. Павле, кој ги опишува „распространетите служби, организирани на две сигурни основи: во исходот на секоја служба е секогаш Бог кој со својот Свети Дух прави сè во сите“ и „целта на секоја служба е секогаш општото добро, градењето на заедница“. Затоа, секоја служба е „Божји повик за доброто на заедницата“.
Благодарение на овие две основи, христијанската заедница може да организира „разновидни служби што ги движи Духот во однос на конкретната ситуација во која живее“. Таа организација, пишува Папата, „не е само функционален факт, туку пред сѐ е внимателно расудување на заедницата, слушајќи го она што Духот го предлага на Црквата, на конкретно место и во сегашниот момент од нејзиниот живот“.
Затоа, „секоја службена структура што произлегува од ова расудување е динамична, жива, флексибилна како делувањето на Духот: мора да се вкорени се повеќе и подлабоко за да не се ризикува динамиката да стане конфузија, живоста да се сведе на неподготвена импровизација, флексибилноста да се претвора во произволни и идеолошки прилагодувања“.
Реалноста е посилна од идејата
Во својата порака, папата Фрањо потсетува дека „еклисиологијата на заедништвото, светотаинството на Црквата, комплементарноста на заедничкото свештенство и светотаинското свештенство и литургиската видливост на секоја служба се доктринарни принципи кои, поттикнати од делувањето на Духот, формираат хармонија на различни служби“.
Прашањето за крштелните служби допира различни аспекти кои „сигурно мора да се земат во предвид: терминологијата што се користи за означување на службите, нивната доктринална основа, правните аспекти, разликите и односите меѓу поединечните служби, нивната професионална вредност, формативните патишта, институционалните настани кои овозможуваат извршување на службите, литургиските димензии на секоја служба“.
Очигледно сложени прашања, кои „секако треба да продолжат да се истражуваат“, но без „да се преправаме дека ги дефинираме и решаваме за да можеме потоа да го живееме служителството, бидејќи постапувајќи на тој начин „најверојатно не би биле способни да одиме многу далеку“.
Затоа папата Фрањо во својата порака го повторува веќе напишаното во Апостолскиот поттик „Evangelii gaudium“, а тоа е дека „реалноста е супериорна од идејата“ и „мораме да воспоставиме постојан дијалог меѓу двете, избегнувајќи идејата да заврши раздвоено од реалноста”. Понатаму Папата потсетува дека „времето е поголемо од просторот”.
Затоа, „наместо да се опседнуваме со моменталните резултати во разрешување на сите тензии и разјаснување на секој аспект, ризикувајќи така да ги кристализираме процесите и, понекогаш, се обидуваме да ги запреме, ние мора да го поддржиме дејствувањето на Духот Господов“.
Ватикан њуз/к.мк