За решавање на тешките проблеми потребно е да се отстранат неправдите

Преку видео порака папата Фрањо се обрати до учесниците на собирот организиран како подготовка на саемот Експо 2015 во Милано, на кој се расправа за прашања поврзани со храната и нејзината безбедноста

За решавање на тешките проблеми како што се гладот во светот, пред сѐ треба да се отстрани коренот на сите зла, а тоа е неправдата – истакна папата Фрањо во видео порака прикажана на 7 февруари по повод собир во Милано, на темата „Експо идеи, италијански модел за прехрана за да се нахрани светот. Собирот беше организиран како подготовка за саемот Експо 2015. На него присуствуваа претставници од политичките институции, менаџери и претприемачи, претставници на здруженија и на меѓународни организации.

Драмата на оние кои се измачени со глад и се бораат за живот сеуште е отежната со она што Папата го нарекува „парадокс на изобилството“; произвотството на храна во светот, имено има доволно за сите луѓе, но не се совпаѓа со праведната распределба, и тоа заради многу сериозен феномен, меѓу кои се расипувањето, фрлањето и претераното консумирање на храна. Светиот Отец затоа предложи три конкретни однесувања.

Прво се однесува на начинот на дејствување. Ако навистина сакаме да ги решиме проблемите, а воедно да не се изгубиме во софизми – објасни Папата – потребно е да се отстрани коренот на сите зла, а тоа е неправдата. За тоа потребно е најпрво да се донесат некои одлуки: да се откаже од целосната независност на пазарите и финансиските шпекулации и да се работи најмногу на структурните причини на неправдата.

Втора работа која треба да се направи се однесува на компонентите на здравата економска политика: Достоинството на човекот и општото добро – истакна Папата. За жал, тие две компоненти, кои би требало да ја обликуваат економската политика, често се чини дека се додадени однадвор, само за цел да се потполни политичкиот разговор, без да се гледа на иднината и на програмите за вистинскиот интегрален развој – рече Светиот Отец и ги поттикна сите оние кои делуваат во светот на политиката да не се плашат од прашањата за поширокото значење на животот во политичките и економските нацрти, бидејќи тоа ќе им помогне вистински да им служаат на општото добро и ќе им даде сила да ги размножат благата на овој свет и да ги направат достапни на сите луѓе – рече Папата.

И третата работа која ја предложи папата Фрањо, е да се зачува Земјата која нѝ е доверена. Земјата нѝ е доверена да ни биде мајка, способна да му даде на секој човек сѐ што му е потребно за живот – истакна Светиот Отец. Земјата е великодушна и ништо не му скратува на оној кој ја чува. Земјата бара почитување, а не насилство, или што е полошо, арогантност на некој господар. Треба да им ја предадеме на нашите деца уште подобра, сочувана – рече папата Фрањо и додаде дека нејзиното зачувување не е само обврска на христијаните, туку на сите луѓе.

РВ/З.А.

Категорија: Ватикан

За авторот