Потребно е кротко и понизно да се отвораат срцата на другите

Потребно е кротко и понизно да се отвораат срцата на другите

Сите треба да ги лекуваме другите и да дозволиме другите да нѐ лекуваат

За да ги отвориме срцата на другите и да ги повикаме на преобраќање потребни се кроткост, понизност и сиромаштво, следејќи ги Христовите чекори; не смееме да се замислуваме дека сме над другите или да бараме некоја човечка корист – рече папата Фрањо на светата Литургија во домот Света Марта во четврток 7 февруари 2019 година, осврнувајќи се на литургиското Евангелие (Марко 6,7-13), кое зборува за оздравување.

Исус ги испрати своите ученици да лекуваат, како што и тој самиот дојде на светот за да ги лекува во нас корените на гревовите и почетниот грев – рече Папата и објасни: Оздравувањето помалку значи и повторно создавање. Исус повторно нѐ создаде од корен и потоа нѐ повика да одиме понатаму со неговата наука, а тоа е наука која лекува. Преобраќањето е првата заповед која ја дава на апостолите.

Првото оздравување е преобраќањето во смисла на отворање на срцето како би влегло Божјото Слово – рече Папата и напомена: Преобраќањето значи да се гледа од друга страна и да се приближи на другата страна. Тоа го отвора срцето и повторно дава да ги гледаме другите работи. Но, ако срцето е затворено, не може да оздрави. Ако некој е болен и упорно не сака да оди на лекар, нема да оздрави. Исус на нив најпрво им вели: Преобратете се, отворете го своето срце. Иако ние христијаните правиме многу добри работи, но ако срцето ни е затворено, сето тоа е само надворешна боја, која ќе исчезне со првиот дожд.

Затоа Папата поттикна да си го поставиме прашањето: Го чувствуваме ли тој повик на преобраќање за да го отвориме своето срце како би оздравеле и го пронајдеме Господ, за да можеме да напредуваме? Меѓутоа за да се повикаат луѓето на преобраќање, потребен е авторитет. А за да го добиеме, Исус во евангелието им вели на апостолите да не земаат ништо за по пат, освен стап; ниту леб, ниту кеса за пари. Во суштина бара сиромаштво, затоа што апостолот и пастирот е оној кој не бара од овците ниту млеко, ниту волна.

Папата упати на она што го истакнува свети Августин, кој зборувајќи за тоа вели дека оние што бараат млеко, бараат пари и оние кои бараат волна, сакаат да се облекуваат во празнина на својата работа. Поточно, тоа се оние кои бараат чест. Наместо тоа, Папата нѐ повикува на сиромаштво, понизност и кроткост. Како што Исус поттикнува во евангелието: ако не ве примат, истресете го правот од своите сандали и одете на друго место – рече Папата и истакна: Мораме да одиме кротко и понизно, затоа што тоа е однесување на апостолот.

Ако апостолот, испратениот, некој од нас, а нѐ има многу тука кои сме испратени, оди малку со подигнат нос, верувајќи дека е над другите или бара некоја човечка корист или некое место во Црквата, никогаш нема да оздрави, нема да успее да отвори ниту едно срце, затоа што неговиот збор нема авторитет – рече Светиот Отец и истакна: Ученикот ќе има авторитет ако ги следи Христовите чекори, а Неговите чекори се сиромаштво. Бог стана човек! Се откаже од себе! Се откажа од самиот себе! Сиромаштвото води во благост и понизност. Понизниот Исус оди по патот како би лекувал. Така и апостолот со став на сиромаштво, понизност и благост, може да има авторитет за да може да каже: „Преобратете се“, како би отворал срца.

Откако ги поттикна на преобраќање, испратените истерувале многу зли духови со авторитетот со кој можеле да кажат: Не, тоа е ѓаволот! Тоа е грев. Тоа е валкано однесување. Не може тоа да го правите – рече папата Фрањо и додаде: Но тоа мора да се зборува со авторитетот на сопствениот пример, а не авторитет кој зборува одозгора и не е заинтересиран за луѓето. Тоа не е авторитет, туку авторитарност. Пред понизноста и силата на името Христово, со кој апостолот ја врши својата работа, ако е понизен, ѓаволот бега, затоа што не може да поднесува како се лекуваат гревовите.

Испратените исто така лекувале и тела, помазувајќи многу болни со елеј – рече Папата и продолжи: Помазувањето е милување Божјо. Имено, елејот секогаш е милување, ја омекнува кожата и прави да се чувствувате подобро. Затоа, апостолот мора да ја научи таа мудрост на Божјото милување. Така лекува христијанинот, а не само свештеникот и епископот. Секој од нас има моќ за лекување на братот или сестрата со убав збор, трпеливост, правовремен совет и поглед; но тоа треба да се прави како со елејот и понизно.

Сите треба да лекуваме, затоа што сите имаме духовни болести. Но, сите исто така имаме можност да лекуваме други, но со однесувањето. Господ нека ни даде таква милост да лекуваме како што тој лекувал: со кроткост, понизност, со сила против гревот и ѓаволот и да напредуваме во убавиот повик на меѓусебно лекување, затоа што сите ги лекуваме другите и дозволуваме другите да нѐ лекуваат нас. Ако тоа се случува меѓу нас, тогаш сме христијанска заедница – рече на крајот од својата проповед Светиот Отец.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот