За понизното „Да“ на Богородица

Преку хвалоспевот на Марија се провлекува една мисла и едно чувство. Чувството за Бог Кој во потполност се прославува преку Својата слугинка односно преку нејзината смиреност како што тоа Марија го нагласува во својот фалоспев. За тоа да биде можно, за да може Бог толку да се прослави преку Својата слугинка таа морала самата да се одликувала со големи доблести, на кои Марија сака да нè научи и да ни ги даде: „Силниот ми направи големи дела.“ Марија како Исусова мајка веќе била обдарена со благодаттни крепости што прв пат ги гледаме во поздравот на ангелот Гавриил: „Радувај се благодатна!“

Марија како што тогаш имала улога да го донесе Спасителот на светот има и денес сѐ до крајот на времињата. Нејзината главна улога е да го донесе Исус во нашите срца, да го роди во нашите срца. А за да растеме во Исус и во Неговото присуство потребна ни е Божјата милост. Една од условните милости која често пати ни го кочи патот и еден вид пречка е понизноста. Марија е совршен пример за понизност, таа преку Божјото вдахновение дозволиле да биде овоплотена, направила живот.

Денес поимот за понизност често пати е неприфатен, потсмеван. Често пати првичната реакција е дека таа изразува одреден вид на тежина, вложување напор за постигнување на одредена крепост која често пати е контрадикторна со нашето јас. Ако Марија не се согласеше на Словото Божјо и ако не тргнеше да го извршува во неа не би можела да настане вистинска понизност. А понизноста се раѓа од послушноста. Додека послушноста можеме да ја имаме само ако сме свесни на нашата маленкост: „оти ја погледа смиреноста на слугинката своја.“

Свети Бернард од Клерво нагласува дека вистинската понизност доаѓа од познавањето на самиот себе. Само од понизноста се раѓа вистинското спознание на вистината. Ние како луѓе можеме рационално (разумот како дар од Бог) да дојдеме до некои заклучоци кои ни се достапни, но кога нашиот разум ќе собере доволно аргументи за тоа спознание да го преточиме во себе, во својата душа, тие се невозможни без вистинската понизност. Бидејќи понизноста претходи на послушноста, а послушноста на познавањето на своето јас.

Во фалоспевот на Марија го гледаме одразот на Божјата сила: „ги распрсна оние, што се гордеат со мислите во срцата свои; ги симна силните од престоли.“

Секој од нас е горделив со мислите свои, често пати сето добро што ни доаѓа знаеме да го препишаме самите на себе. Понекогаш ни е тешко да слеземе од тој трон на кој со гордост седиме и да дадеме благодарност на Бог (не надворешно туку во нашите срца). Божјата сила најдобро можеме визуелно и значително да ја видиме преку природата: силата на урагани, земјотреси, бранови, ветарот. Тоа се околности на кои често не можеме да влијаеме и се наоѓаат надвор од нашата зона на одлучување. Меѓутоа, во фалоспевот на Марија се зборува за една друга сила која се случува во човечките срца (во човечките срца е дадена одредена слобода, слободата на манифестирање на човечката волја). Поважни сме Му од врапчињата на гранките, поважни сме му и од морето и брановите и ветерот. Да сакал Бог можел да нè направи подложни на Себе и да нè управува но, толку нè љуби што сака на љубовта да му одговориме во слобода. Кога ќе му Го кажеме своето ДА како Марија, тука настапува Бог и го прави она свое големо дело кое се однесува на нашите најдлабоки делови (духот и душата) и прави сè ново, прави големи дела.

Лаудато/Д.И.

За авторот