Прва Света Причест во Нова Маала

Прва Света Причест во Нова Маала

Во недела, 11 јуни 2017 година, на празникот Сите Светии, во парохијата „Успение на Пресвета Богородица“ во Нова Маала беше прославена Првата Света Причест со свечена Света Литургија предводена од парохот о. Спасо Ристов, во сослужение на парохискиот викар о. Ванчо Назов и о. Тони Ангелов.

Во таа прилика шест деца од парохијата, обновувајќи го Крсниот завет, за прв пат ја примија светата Причест. И со право парохот во пригодната проповед нагласи дека овој ден е „локален празник“ за парохијата, бидејќи на Господовата трпеза се приклучија уште шест нови члена кои ќе имаат можност, како и останатите, понатаму во својот живот да го примаат во себе Исус Христос.

Во продолжение на проповедта, парохот стави акцент на верата за која е потребно да се вложи многу труд за да може да се живее истата вера, бидејќи само преку верата човекот трпеливо ги поднесува сите проблеми и потешкотии, и тоа сѐ заради тоа што самиот Господ е во човекот. Така и во овие деца беше вложено труд за нивната вера за да конечно во нивните срца го примат Исус Христос во вид на леб и вино. Исто така побара и од нивните родители како и останатите роднини и понатаму да вложуваат труд во своите деца, за да можат сѐ повеќе и повеќе да растаат во нивната вера.

На крајот од Светата Литургија парохот им се заблагодари на сите кои придонесоа свечено да се прослави овој настан: најпрво на свештениците за нивното сослужување, на чесните сестри кои се потрудија да го разубават Божјиот храм, на родителите и на сите останати со добра волја.

После Светата Литургија, имаше заедничко дружење и агапе приготвено од родителите на првопричесниците.

З.А

Категорија: Вести, Македонија

За авторот