Во својата порака до учесниците на меѓународниот меѓуверски симпозиум за палијативна нега, кој се одржува во Торонто, папата Фрањо поттикнува на грижа за болните и оние кои се на умирање за да сфатат дека не се изолирани или сами, дека нивниот живот не е товар
Во денешно време, соочени со трагичните последици од војните, насилствата и разните неправди, многу е лесно да се препуштиме на болката, па дури и на очајот. И покрај тоа, како членови на човечкото семејство и пред се како верници, повикани сме со љубов и сочувство да ги придружуваме луѓето кои се борат и тешко наоѓаат причини за надеж – пишува папата Фрањо во својата порака до учесниците на првиот меѓународен меѓурелигиски симпозиум за палијативна нега, кој се одржува од 21 до 23 мај 2024 година во Торонто, Канада, на тема „Кон наратив на надежта“. На состанокот ќе присуствуваат претседателите на двете тела кои го иницираа состанокот – надбискупот Винченцо Паља во име на Папската академија за живот, и бискупот Вилијам Мекгратн во име на канадската бискупска конференција – заедно со експерти од здравствениот сектор, вклучувајќи лекари и медицински сестри, кои доаѓаат од целиот свет и припаѓаат на различни верски конфесии.
Конкретен знак на близина и солидарност со оние кои страдаат
Размислувајќи за темата на собирот во пораката на англиски јазик, објавена во среда 22 мај, Папата потсетува дека надежта ни дава сила да се соочиме со прашањата што ни ги поставуваат животните предизвици, тешкотии и грижи. Навистина, на сите оние кои ја доживеале неизвесноста што често произлегува од болест и смрт – забележува папата Фрањо – им треба сведоштво за надеж од оние кои се грижат за нив и остануваат со нив. Во оваа смисла, палијативната грижа – додава Папата – додека се труди колку што е можно повеќе да го олесни товарот на страдањето, пред сè е конкретен знак на близина и солидарност со нашите браќа и сестри кои страдаат. Во исто време, ваквото внимание им помага на пациентите и нивните најблиски да ја прифатат ранливоста, кревкоста и ограничувањата што го карактеризираат човечкиот живот на овој свет.
Евтаназијата е неуспех на љубовта
Папата јасно укажува дека вистинската палијативна нега е радикално различна од евтаназијата, која никогаш не е извор на надеж или вистинска грижа за болните и оние кои се на умирање. Тоа е повеќе неуспех на љубовта, одраз на „културата на отфрлање“ во која личноста повеќе не се смета за основна вредност за која треба да се грижи и да се почитува (Fratelli tutt , 18). Имено – истакнува Папата – евтаназијата често лажно се прикажува како облик на сочувство.
Напротив, ставот на „сочувство“, што значи „да чувствуваш со другиот“, не вклучува намерна постапка за да се стави крај на животот, туку подготвеност да се сподели товарот со оние кои се соочуваат со последниот дел од земното ходочестие. Палијативната нега е вистинска форма на сочувство затоа што реагира на страдањето, без разлика дали е физичко, емоционално, психолошко или духовно, потврдувајќи го основното и неприкосновено достоинство на секој човек, а посебно оние кои се на умирање, и помагајќи им да го прифатат неизбежниот момент на премин од овој живот во вечен.
Да им помогнеме на болните и оние на умирање и да сфатат дека не се сами
Во оваа перспектива, верските уверувања нудат подлабоко разбирање на болеста, страдањето и смртта, сметајќи ги како дел од таинството на Божјата Промисла и, што се однесува до христијанската традиција, средство за посветување. Не е случајно – забележува Папата – дека сочувството и почитта на медицинскиот персонал и специјализираните здравствени работници честопати успевале да ги натераат луѓето на крајот од животот да најдат духовна утеха, надеж и помирување со Бога, со членовите на своето семејство. и пријателите. Папата Фрањо ја дефинира оваа служба како важна и додаде: Дури би рекол дека е клучно во помагањето на болните и оние на умирање да сфатат дека не се изолирани, не се сами, дека нивниот живот не е товар, туку дека се уште се драгоцени во Божјите очи и соединети со нас со врската на заедништво.
Ватикан њуз/к.мк