Звукот од камбаната на Денот на Задушници го повикува човекот да се посети на својата човечка судбина. Допираат до нас звуците од камбанаријата, а заедно со нив и ние мислиме на оние кои заминале од нашиот свет, за да живеат во вечноста. За задушницa се празнат градовите на живите луѓе на земјата, а се полнаат мртвите градови на нашите гробишта. На тој начин доживуваме дека нашите починати не се мртви, туку тие се живи, и тоа близу до нас. Затоа одиме на нивните гробови да им запалиме свеќи, но пред сѐ да им изразиме љубов и почит, да застанеме пред Бога во молитва, за да почувствуваат покојните дека ние ги сакаме и не сме ги заборавиле. На денот на Задушници не се сеќаваме само на нашите покојни, бидејќи тоа би можеле да го правиме и дома, туку доаѓаме кај нив, таму каде што е знакот на нивното присуство, на нивните гробови, каде што сме ги оставиле нивните тела и на некој начин сме им направиле нивен земски дом. Тоа е местото каде што мислиме повеќе на нив, а исто така и се молиме Бог да ги стави во местото на неговата светлина и мир. Покојните се одделиле од телата, но не и од нас. Со силата на нашата вера ние сме убедени дека нашите покојни се овде со нас, гледаат сѐ што правиме ние за нив.
Смртта многумина повторно ги соединува. Некои за време на овоземскиот живот знаеле да ги запостават своите ближни, за жал дури и сопствените родители, браќата и сестрите. Сепак, тие доаѓаат на нивните гробови, носат цвеќиња и палат свеќи и се молат, за да на овој начин, можеби, би го надоместиле она што за време на овоземскиот живот го пропуштиле. Луѓето кои биле меѓусебно скарани, дури биле непријатели и се мразеле, сепак знаат да дојдат на гробот на своите непријатели. Како смртта да ги брише нашите гревови, непријателството, злобата и нечовечноста, и во нас го буди она најчовечното, најдлабокото и светото. Затоа старите римјани знаеле да кажат: За покојникот само добро. Гробовите се место каде што ја искусуваме кревката човечка егзистенција. Тоа е местото каде што јасно ја доживуваме својата зависност од Создателот, каде што во атеистот се буди молитвата, тоа е простор во кој смртникот почнува да моли, станува барем верник и повеќе не може да биде нечовечен. Гробиштата се место каде што доживуваме дека животот не се одвива само овде на земјата, туку дека живееме и на друго место, дека после смртта одиме некаде. Нашите гробови се знак за задгробниот живот. Кој не верува дека постои живот после смртта, а доаѓа на гробиштата, јасно покажува дека неговата вера е нестабилна.
На денот на задушница ја доживуваме разновидноста на човечкиот живот. Човекот излегол од утробата на својата мајка, каде што живеел девет месеци, дошол на свет, каде што живее одреден број години, а потоа влегува во вечноста, каде што останува засекогаш. Човекот се раѓа од утробата на својата мајка, кој од неа го добива телото, но душата и карактерот од Бога. Умирајќи на земјата го остава телото, за да би влегол кај Бог со душата. Така гробиштата нѐ потсетуваат дека ние сме вечни на земјата. Гробиштата нѐ потсетува каква е нашата судбина. Доколку сме лоши, ако сме грешни, сѐ сме изгубиле; ако сме чесни и човекољубиви, тогаш засекогаш сме во небото, во вечноста. Гробовите се место каде што ја доживуваме краткотрајната минлива природа на земскиот живот и неуништливиот духовен живот. Затоа гробовите ни шепотат да не го пропуштиме небото, вечноста, животот. Нашите покојни копнеат да бидеме засекогаш со нив во небото. Тие нѐ повикуваат да не дозволиме да нѐ надвладее злото, да не очајуваме над сопственото страдање, никогаш да не мразиме, секогаш да простуваме, да не бидеме нечовечни и да веруваме во добрината, верноста, љубовта и правдата. Украсувајќи ги гробовите, палејќи свеќи и молејќи се за своите покојни, ние им искажуваме голема љубов. Веруваме дека и тие се молат за нас, за да би можеле по патот на правдата и ние заедно со нив да го постигнеме вечното заедништво со Бога. (…)
Фра Дане Карачиќ/З.А.