Заветен ден на блажена Мајка Тереза

Во вторник 5 април 2016 година во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, беше прославен заветниот ден на блажена Мајка Тереза. Ова е седми пат верниците од скопската парохија и поклонениците од другите македонски парохии да се соберат во родниот град на Мајка Тереза и да молат за нејзино застапништво. Литургијата ја предводеше отец Оливер Тантушев, парох во Охрид, а на минеасата покрај домашните верници беа присутни и поклоненици од парохиите Охрид и Битола. Со своето пеење Литургијата ја збогати младинскиот бенд од Скоспката парохија „Агапе“.

Отец Тантушев во својата хомилија говореше на тема: „Плод на љубовта е служењето“. Истакна дека служењето се раѓа од љубовта и се состои во тоа да правиме нешто повеќе од обично возвраќање на човечките услуги едни кон други. Дарот на служењето доаѓа од Бога кој ни дава способност да ги љубиме своите непријатели и да правиме добро, дури и тогаш кога за тоа немаме корист или кога за тоа сме неправедно осудувани. Мајка Тереза со својот пример нѐ повикува во малите нешта да им служиме на нашите ближни и така овие мали дела пред Бога ќе станат големи.

По Евхаристиската прослава следуваше обожавање пред Пресветата Олтарска Тајна, а на крајот имаше благослов со моштиите на блажена Мајка Тереза. Потоа верниците се задржаа во заедништво во просториите на Пасторалниот центар.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Македонија

За авторот