Епископот Стојанов освети Центар за лица со посебни потреби во Гевгелија

Епископот Стојанов освети Центар за лица со посебни потреби во Гевгелија

На 15 февруари 2017 година Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Mакедонија, го освети новозиградениот Центар за лица со посебни потреби во Гевгелија. На осветувањето присуствуваше претседателот на советот на општина Гевгелија Драги Хаџи Николов, претставници на Македонски Каритас, Италијански Каритас, дипломатскиот кор, свештеници од Апостолскиот егзархат и Скопска бискупија, Национална алијанса за лица со посебни потреби, како и претставници на останати фондации организации и институции кои работат со лицата со посебни потреби.

По осветувањето на центарот се обрати монс. д-р Киро Стојанов, кој во својот поздравен говор истакна дека овој објект е изграден со добрина и љубов кон лицата со посебни потреби. Зборувајќи за Псламот кој се молеше за време на осветувањето потсети дека е „залуден нашиот труд, вложување, дури и љубов, ако сето тоа не е исполнето со благословот на Оној кој е “градител и пазител” на сето создадено – а тоа е Бог. Добро е да се присетиме дека денес овде сме собрани во името на Оној „Градител и чувар“ и дека нему му го доверуваме овој труд на нашите раце. Не би сакале нашиот труд да биде залуден и некорисен во недостатокот на свеста дека нам е над сè и во сè – додека се градеше – ни беше присутен Бог.“

Обраќајки се до донаторите, посебно истакнувајќи ги Италијанска бискупска конференција, Италијански Каритас, Реновабис им се заблагодари потенцирајќи дека тие можат да бидат „сигурни дека во овој објект ќе живее љубов, без оглед на верата, возраста, етничката припадност…

Говорејќи за Евангелието каде станува збор за Закхеј епископот Стојанов запраша: „Што ни порачува овој настан? Браќа и сестри, човекот е достоинствен по тоа што е човек, а не по тоа што има или како изгледа. Овде, во овој дом е простор за нашите браќа и сестри – како Закхеја – на кои треба да им се сочува човечкото достоинство и да им се помогне да живеат и прават сè, како би во рамките на своите потреби, и покрај своите ограничености, да го исполнат својот живот со содржина достојна на човекот.

Бискупот Стојанов се обрати и до вработените до центарот за лица со посебни потреби при што рече: „Браќа и сестри, овде вашата работа не се плаќа со пари и покрај тоа што имате плата, тешко на вас ако овде би работеле само за плата. Не, овде работи љубовта – а таа не може ниту да се купи ниту да се плати. Љубов е: Да се живее за другите. Ако вас, кои овде ќе работите, не ве води љубовта кон тие кои овде ќе престојуваат, ве молам, откажете се од таа работа. Дадете место на тие кои имаат љубов! Во вакви извонредни околности на живот и за вас и за оние кои ќе престојуваат во овој Дом може да им биде единствен мотив само љубов… Не сожалување, туку токму љубов со која родителот го љуби своето дете, бидејќи е негово. Заемното облагородување на животот е ваша вистинска плата и награда. Кога ве требаат, кога ви се радуваат, кога плачат по вас кога си заминувате, кога самите не можат без вас, тоа е вашата награда… Посакувам од вас такво срце и таков однос кон тие лица. Да љубите и да бидете љубени!“

На крајот епископот Стојанов го упати својот збор до лицата со посебни потреби, искажувајќи им добредојде нагласи: „Овде ве очекува љубов и нега (грижа за вас) бидете сигурни дека ни сте мили. Радосни сме што ве имаме. Никогаш да не заборавите дека вас во оваа заедница… ве љуби Бог. Нека секогаш во вас се чувствува радост во животот – и покрај тоа што сме зависни од другите – токму така еден на друг му помагаме во единствената цел: Да се живее живот достоен на човек, треба да имаме на ум дека човекот не е само тело, туку нешто повеќе од тоа, човекот е лице, бидејќи во него е бесмртен дух. Оттука го молиме Господарот на животот да ве направи среќни во овој Дом.“

Завршувајќи го својот говор епископот Стојанов рече: „Почитуван претседателе на советот на копштина Гевгелија, на вас и на вашата заедница на овој Град и на сите луѓе со добра волја ја препорачувам оваа нова Установа во вашиот Град. Во голема мера таа ќе живее и ќе функционира за тоа за што е подигната, но, само ако биде љубов и грижа од целата Заедница. Ја предаваме со таква љубов со каква сите настојувавме, да овој проект се оствари. Уште еднаш, благодарам на сите и нека Бог нѐ благослови сите нас!“

На осветувањето на присутните им се обратија и амбасадорот на Италија во Република Македонија Карло Ромеро, претседателот на советот на општина Гевгелија Драги Хаџи Николов, Љубица Тимова од Националната алијанса за лица со посебни потреби – Гевгелија и Алесандро Кадорин од Италијански Каритас, додека проектот го презентираше Снежана Сарамандова од фондацијата Аполонија, по што следуваше разгледување на просториите на Центарот.

к.мк

 Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот