Во Кастел Гандолфо започнаа „Борго дијалозите“

Во Кастел Гандолфо започнаа „Борго дијалозите“

„Борго дијалозите“, нов меѓународен форум посветен на дијалог за теми поврзани со животната средина, започнаа во папските градини во Кастел Гандолфо.

Од 17 до 19 јуни 2026 година, „Борго Лаудато Си“, односно „селото Лаудато Си“, ќе биде домаќин на првото издание на „Борго дијалозите“.

Настанот е организиран во соработка со Центарот за високо образование „Лаудато Си“, Универзитетот „Нотр Дам“, „Делоит Швајцарија“ и „Handshake Strategies“.

Центар посветен на интегралната екологија

„Борго Лаудато Си“ се наоѓа во папските градини во Кастел Гандолфо и претставува центар посветен на образование во областа на интегралната екологија, еколошката одржливост и циркуларната економија.

Центарот е основан со цел принципите од енцикликата Laudato si’ на папата Фрањо да се преточат во конкретни практики што можат да се применуваат и на други места.

Во овој контекст, „Борго дијалозите“ ќе соберат корпоративни лидери и претставници од меѓународни организации, академската заедница, културата, граѓанското општество и Црквата, за да разговараат за главните предизвици на нашето време.

Форум за заеднички одговори

Иницијативата е замислена како постојан форум за дијалог меѓу луѓе со различни искуства и перспективи. Целта е да се поттикне размена на идеи и развој на заеднички одговори на предизвиците што го засегаат целиот свет.

Форумот има за цел да изгради заедница на практичари, заснована на храбро лидерство и вдахновена од Laudato si’.

Преку оваа иницијатива, организаторите сакаат да ги обединат лидерите во клучен момент за светот, за да се соочат со итните глобални предизвици и да поттикнат конкретни активности во верските институции, академијата, граѓанското општество и приватниот сектор.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот