Единството меѓу христијаните ги надвишува судирите

Најголема препрека за навестување на евангелието се неслогите меѓу христијаните – истакна Папата во говорот упатен до групата епископи од Гвинеја, кое се наоѓаат во посета ‘ad Limina’. После поздравот до претседателот на локалната епископска конференција монсињор Емануел Фелемоу, како и сеќавањето на соработката со кардиналот Роберт Сарах, бившиот архиепископ на Конакриј и претседател на Папскиот совет ‘Cor Unum’, Папата се осврна на сиромашните животни услови на Гвинејските жители.

Во свет ранет од бројни „етнички, политички и верски судири“, нашите заедници треба да бидат вистински братски и меѓусебно помирени, бидејќи „неслогите меѓу христијаните се најголема препрека за навестувањето на евангелието“. Единствено „соединети во љубовта“ можеме да ја сведочиме „вистината на Евангелието“ – истакна Светиот Отец во говорот до епископите од Конакриј, потсетувајќи дека „единството ги надвишува судирите“. Несогласувањата се во корист на појавувањето на групи кои го злоупотребуваат сиромаштвото и добрата вера на народот нудејќи лесни меѓутоа неостварливи решенија на проблемите.

И покрај тешките услови во кои Радосната вест често се навестува, во Конакриј, во евангелизацијата се вложуваат големи напори; епископите, но и целиот народ, се ангажирани околу тоа. Потсетувајќи дека животот треба да биде доследен на Евангелието кое го навестуваме, Папата ја истакна живоста на епархиите во Гвинеја, мислејќи на лаиците кои се заземаат во пасторалот и посебно на вероучителите кои – благодарејќи на центрите за формација – извршуваат „незаменливо дело на евангелизација и анимирање во христијанските заедници“.

Папата ги поттикна епископите да ги подржуваат семејствата, на кои треба да им се предлага и доследно да им се сведочи христијанскиот модел на семејство, иако е уште – како што рече – раширена полигамијата, а браковите помеѓу крстени и некрстени се чести. Папата ги повикува младите лаици да ја сведочат својата вера со поголемо ангажирање во општеството, и секогаш да бидат творци на мирот и помирувањето, како би можеле да се борат против големото сиромаштво во државата. Папата ги охрабри, и покрај тешкотиите да ги продлабочуваат односите со локалните муслимански заедници, взаемно учејќи го да го почитуваат поинаквиот начин на мислење и изразување.

Обраќајќи се пак до монасите и монахињите, кои со молитва и дела секогаш се покрај жителите – во често многу тешки услови на живот – Папата го пофали нивното делување во здравството, воспитувањето и образованието. Говорејќи пак за епархиските свештеници, кои се малку во однос на потребите, Папата ги поттикна епископите да бидат „татковци и пријатели“, а свештениците ги потсети да живеат онака како што проповедуваат: во прашање е веродостојноста на самата Црква.

Затоа особено внимание треба да се посвети на свештеничките повици – истакна папата Фрањо и посака во новоотворената богословија, именувана по папата Бенедикт XVI., да се воспитуваат извонредни млади свештеници. На крајот Папата ги повика сите својот повик да го живеат радосно, останувајќи верни на свештеничкиот целибат како и да го отфрлаат световниот дух и кариеризам, бидејќи свештенството не е средство за постигнување на општествен статус – заклучи папата Фрањо.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот