Еден месец од понтификатот на папата Фрањо
Ватикан, 14.4.2013 /к.мк/ – Вчера, 13 април се наврши точно еден месец откако папата Фрањо е избран за Петров наследник. Светот веќе можеше да го запознае по неговите зборови и гестови, по неговата пастирска близина и аналитичарите оценуваат дека тој го продолжува сега на светски план, она што го правеше како архиепископ на Буенос Аирес. Спонтаноста и едноставноста се карактеристични при средбите со луѓето од различни профили, од дипломати до кардинали, епископи, свештеници, луѓе на аудиенциите, луѓето во затвор, деца и млади.
Говорите исто така се израз на неговата длабока христијанска вера и едноставност, упатувајќи ја мислата на слушателот на она што е суштинско за нашата вера, а тоа е она што го донесува евангелистот свети Иван во разговорот на Исус со Никодим: Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та ниеден што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен. Папата упатува токму на ова, истакнувајќи ја посебно Божјата милосрдна љубов, која не се изморува простувајќи ни, туку напротив ние грешниците се изморуваме да бараме простување. Токму потсетувањето на нашата човечка грешност во ова време на самобендисаност, Папата на посебен начин поттикнува да се отвориме на Божјото милосрдие кое ни е потребно секојдневно на сите.
Со таков поглед и делување Црквата, посебно преку светите Тајни е многу важна и за денешниот човек кој се одалечи од својот искон, почеток. Од тука и потребата за нова евангелизација, соодветна катехизација и на крајот личен пример за радосната средба со Исус Спасителот кој го преобразува христијанинот и го прави сведок на Божјата љубов во овој свет. На Папскиот универзитет Грегоријана се подготвува посебна средба на 19 април, точно еден месец откако папата Фрањо ја презема Петровата служба.