Порака на Папата за Светскиот молитвен ден за звања: Сеење надеж

Порака на Папата за Светскиот молитвен ден за звања: Сеење надеж

Во својата порака за Светскиот молитвен ден за звања, папата Фрањо им се обраќа на поединци и заедници, охрабрувајќи ги да „излезат од рамнодушност“ и да бидат „ходочесници на надежта“.

Христијаните се повикани да бидат мажи и жени на надеж за да одговорат на звањето што им го довери Бог и да можат плодно да работат за правда и мир. Ова го напиша папата Фрањо по повод 61-от Светски ден на молитвата за звања, кој се слави на 21 април, со наслов „Повикани сме да сееме надеж и да градиме мир“. Порака во која Папата им се обраќа на поединци и заедници „во различноста на нивните харизми и служби“.

Сите сме повикани да дадеме со тело и дух евангелиска надеж во свет обележан со епохални предизвици: заканувачкиот напредок кон Третата светска војна во делови; ордите мигранти кои бегаат од својата земја во потрага по подобра иднина; постојан пораст на сиромашните; опасноста од неповратно загрозување на здравјето на нашата планета. А на сето тоа се додаваат тешкотиите со кои се соочуваме секојдневно и кои понекогаш носат опасност да се откажеме или да бидеме поразени.

Дозволете Исус да ве воодушеви

Папата вели дека Светскиот молитвен ден за звања „секогаш е прекрасна можност“ да се потсетиме на често скриената посветеност на оние кои го прифатиле „повикот“ што ги врзува цел живот. Папата Фрањо зборува за мајки и татковци кои се грижат за своите деца; за оние кои работат посветено и со дух на соработка; за оние кои се посветени на градење „поправеден свет, посолидарна економија, поправедна политика, похумано општество“; за оние кои работат за општо добро; за посветените кои ја носат својата харизма давајќи им ја на оние што ги среќаваат“.

На младите, посебно оние кои се чувствуваат оддалечени или немаат доверба во Црквата, би сакал да им порачам: нека ве воодушеви Исус, поставувајте му ги вашите важни прашања, преку страниците на Евангелието, нека ве вознемирува неговото присуство, кое секогаш е благопријатно и го пореметува нашиот спокој.

Големо семејство

Секој христијанин, во „мноштвото харизми и звања“, посочува Папата, е составен дел на едно големо семејство: Божјиот народ кој чекори по светот.

Ние не сме острови затворени во себе, туку дел од целина. Затоа Светскиот молитвен ден за звања носи печат на синодалност: има многу харизми и ние сме повикани да се слушаме едни со други и да чекориме заедно за да го откриеме и препознаеме она на што нè повикува Светиот Дух, за доброто на сите.

Кон Јубилејот

Христијаните одат како ходочесници на надежта кон јубилејната 2025 година за „да бидат носители и сведоци на Исусовиот сон во светот: да формираат единствено семејство обединето во Божјата љубов и поврзано со односи на милосрдие, споделување и братство“.

Во оваа 2024 година, посветена токму на молитвата, во подготовка за јубилејот, повикани сме повторно да го откриеме бесценетиот дар да разговараме со Господ од срце, со што ќе станеме ходочесници на надежта.

Да се биде ходочесник на надежта значи да се има јасна цел и да се фокусираме на сегашноста, вели папата Фрањо, ослободувајќи се од бескорисното и носејќи го со себе само најсуштинското и борејќи се „секој ден за да не може заморот, стравот, неизвесноста и темнината да го блокираат патот по кој одиме“. Тоа значи да се стремиме „за подобра иднина“ и да се заложиме „да ја изградиме одејќи по овој пат“.

Затоа, во ова наше време, клучно е ние, христијаните, да негуваме светоглед полн со надеж, за да можеме да работиме плодно, одговарајќи на доверениот повик, во служба на Царството Божјо, Царство на љубовта, правдата и мирот.

Никој не е исклучен

Ходочесниците на надежта и градителите на мирот, го темелат „своето постоење“ на воскресението Христово, знаејќи дека „и покрај грешките и неуспесите“, посеаното добро „расте тивко“ и дека ништо не може да се одвои од крајната цел, „средбата со Христос и радоста“, како би живееле меѓу себе како браќа, во вечноста“. Никој, завршува Светиот Отец, не треба да се чувствува исклучен од овој повик, секој треба да има храброст да се вклучи во грижата за луѓето околу нас и средината во која живееме.

Да се разбудиме од сонот, да излеземе од рамнодушноста, да ги тргнеме затворските решетки зад кои понекогаш се затвораме, и секој од нас да го открие својот повик во Црквата и светот и да стане ходочесник на надежта и творец на мирот!

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот