Евхаристијата нѐ чисти од нашите себични ставови

Евхаристијата нѐ чисти од нашите себични ставови

Папата Фрањо во пладневниот наговор кој го одржа пред молитвата Ангел Господов на 3 јуни 2018 година, напомена дека Исусовото живо присуство во Евхаристијата е како врата отворена помеѓу храмот и улицата, помеѓу верата и историјата, помеѓу градот Божји и човечкиот град.

Евхаристијата нѐ чисти од нашите себични ставови – истакна папата Фрањо во својот пладневен наговор кој го одржа на 3 јуни 2018 година, на плоштадот Свети Петар во Ватикан, пред околу 15 илјади верници. Бидејќи денес во многу земји во светот, меѓу кои и во Италија се слави празникот на Пресветата Евхаристија, во центарот на размислувањето на Папата беше пригодниот евангелски дел од 14 глава од Евангелието според Марко. „И кога јадеа, зеде Исус леб, го благослови, го прекрши, па им даде и рече: „Примете, јадете; тоа е Моето тело.” Потоа ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде; и се напија од неа сите. И им рече: „Тоа е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина“ (Марко 14, 22 – 24).

Живото Христово присуство ги привлекува верниците

Токму заради тој сојуз на љубовта христијанската заедница секоја недела и секој ден се собира околу Евхаристијата, светата Тајна на Христовата спасителна жртва. Привлечени од неговото вистинско присуство, христијаните му се поклонуваат и го гледаат во скромниот знак на лебот кој станува неговото Тело – рече Светиот Отец.

Секој пат кога славиме Евхаристија, по пат на таа трезвена и истовремено свечена света Тајна, го откриваме новиот сојуз кој во целост се остварува во заедништвото помеѓу Бог и нас – рече Папата и продолжи: И како учесници во тој сојуз, ние иако мали и сиромашни, соработуваме во градењето на историјата која е во хармонија со Божјиот план. Од таа причина секое евхаристиско славење се однесува на животот и конкретните настани од нашето постоење – рече папата Фрањо.

Да се биде „прекршен леб“ за другите

Хранејќи се со Телото и Крвта Христови Му стануваме слични, ја примаме неговата љубов во себе, не за себично да ја задржиме за себе, туку за да ја делиме со другите – истакна Светиот Отец и додаде: Тоа е евхаристиската логика. Во неа навистина го гледаме Исуса, прекршениот и даруваниот Леб, Крвта пролеана за нашето спасение. Тоа присутноста кое е како оган, кој во нас ги согорува егоистичните ставови, чистејќи нѐ од склоноста да даваме само кога примаме. Така во нас се раѓа желбата во единството со Исус да се направиме прекршениот Леб и Крвта која се пролева за нашите браќа и сестри – рече Папата.

Евхаристијата како отворена врата помеѓу верата и историјата

Од таа причина празникот на Пресвета Евхаристија е таинството на привлекувањето на Христос и на преобразувањето во Него – рече папата Фрањо и продолжи: Празникот на Пресветата Евхаристија е училиште за конкретна љубов, трпелива и пожртвувана, како Исус на крстот. Нѐ учи да станеме поподготвени да прифаќаме и повеќе расположени кон оние на кои им е потребно разбирање, помош, охрабрување, кон оние кои се маргинализирани и осамени. Исусовото живо присуство во Евхаристија е како врата отворена помеѓу храмот и улицата, повеѓу верата и историјата, помеѓу градот Божји и човечкиот град – заврши Светиот Отец.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот