Црквата е света

Во катехезата одржана на Генералната аудиенција на плоштадот Свети Петар во среда 2 октомври папата Фрањо говореше за тоа што значи кога исповедуваме дека Црквата е света. Во продолжение ја пренесуваме катехезата на Светиот Отец во целост.

Драги браќа и сестри

Откако во символот на верата исповедуваме дека „веруваме … во една (Црква)“ ја додаваме и придавката „света“, имено ја потврдуваме светоста на Црквата и тоа е важна карактеристика која е присутна во свеста на сите христијани од самите почетоци, кои едноставно се нарекувале „светии“ (сп. Дела 9,13.32.41; Римјаните 8.27; 1 Коринтјаните 6,1), бидејќи биле сигурни дека посветеноста на Црквата е Божјо дело и дека Светиот Дух ја посветува Црквата.

Но во која смисла Црквата е света, ако гледаме дека историската Црква, на својот повеќе вековен пат, имаше многу потешкотии, проблеми, моменти на темнина: Како можеме да биде света Црквата, која е составена од човечки битија, грешници? Мажи грешници, жени грешници, свештеници грешници, чесни сестри грешници, епископи грешници, кардинали грешници, папа грешник. Сите. Како може таква Црква да биде света.

1. За да одговорам на ова прашање ќе се послужам со Посланието на свети Павле до христијаните во Ефес. Земејќи ги како пример семејните односи, апостолот вели: Христос ја возљуби Црквата и Се предаде Сам Себеси за неа, за да ја освети, (5, 26). Христос ја возљуби Црквата, предавајќи се самиот себе на Крстот. Тоа значи дека Црквата е света, бидејќи доаѓа од Бог кој е свет, кој и е верен и не ја предава на власта на смртта и злото (сп. Матеј 16,18). Света е, бидејќи Исус Христос, Светецот Божји (сп. Марко 1,24), со нераскинливи врски е поврзан со неа (сп. Матеј 28,20); света е бидејќи е водена од Светиот Дух, кој чисти, преобразува, обновува. Не е света поради нашите заслуги, туу затоа што Бог ја прави да биде света, таа е плод на Светиот Дух и неговите дарови. Не сме ние тие кои ја прават света: Бог, Светиот Дух е оној кој во својата љубов ја прави Црквата да биде света.

2. Можеби ќе ми кажете: но Црквата е составена од грешници, тоа го гледаме секој ден. И тоа е вистина! Ние сме Црква на грешници, и ние грешниците сме повикани да му дозволиме на Бог да нѐ преобрази, обнови и посвети. Во историјата имало искушенија на некои поединци кои зборувале: Црквата е само Црква на чисти, оние кои се потполно доследни, а останатите треба да се отстранат. Тоа не е вистина! Тоа е ерес. Црквата која е света, не ги отфрла грешниците. Не нѐ отфрла сите нас! Не нѐ отфрла, бидејќи ги повикува сите: ги прифаќа, отворена е и за оние кои се најмногу оддалечени од Бог, ги повикува сите да дозволат Отецот, кој на сите им дава можност да го сретнат и кренат по патот на светоста, да го излие со своето милосрдие, нежност и простување. Но, оче, јас сум грешник, имам големи гревови на душата, како може да се чувствувам дел од Црквата?“ Драги брате, драга сестро, токму тоа е што го посакува Господ; да му кажеш: „Господи, еве ме овде со моите гревови“. Дали има тука некој без свои гревови? Дали има таков? Нема, ама никој од нас! Сите со себе носиме свои гревови. Но Господ сака да слушне од нас: „Прости ми, помогни ми на мојот пат, преобрази го моето срце!“. Господ може да го преобрази срцето. Во Црквата, Бог кој го сретнуваме не е немилосрден судија, туку е како таткото од евангелската парабола. Можеш да бидеш како синот кој го напушти татковиот дом, кој при оддалечувањето го допре дното. Но кога ќе собереш сила кажи: сакам да се вратам дома, ќе најдеш отворена врата, Бог ти доаѓа во пресрет, бидејќи секогаш те чека. Бог секогаш те чека. Бог те прегрнува, те љуби и подготвува веселба. Таков е Господ, таква е нежноста на нашиот Отец! Господ сака од нас да бидеме дел од Црква која знае да ги рашири рацете за да ги прифати сите, Црква која не е куќа на малобројни, туку куќа на сите, каде сите можат да бидат обновени, преобразени, посветени со неговата љубов, најсилни и најслаби, грешници, рамнодушни, оние кои се чувствуваат обесхрабрени и изгубени. Црквата на сите им дава можност да чекорат по патот на светоста, кој што е пат на христијанинот: ни дава да го сретнеме Христос во светите Тајни, посебно во исповедта и евхаристијата; ни го пренесува Словото Божјо, ни дава да живееме во љубов, во Божјата љубов кон сите. Да се прашаме: дали дозволуваме да бидеме посветени? Дали сме Црква која повикува и ги прифаќа со раширени раце грешниците, која дава храброст, надеж или сме Црква затворена во самата себе? Дали сме Црква во која се живее љубовта Божја, во која постои внимателност кон другиот, во која луѓето молат едни за други?

3. И последното прашање: што можам да направам јас, кој се чувствувам слаб, кршлив, грешник Бог ти вели: не се плаши од светоста, не се плаши пред себе да си поставиш големи цели, дозволи Бог да љуби и очисти, не плаши се да дозволиш да те води Светиот Дух. Да дозовлиме да нѐ „зарази“ Божјата светост. Сите христијани се повикани на светост (сп. догматска констиуција Лумен Гентиум, 39-42); а светоста не се состои пред сѐ во тоа да правиме чудесни работи, туку во тоа да дозволиме Бог да делува. Тоа е средба на нашата слабост со силата на неговата благодат, тоа значи да се има доверба во неговото делување, кое ни овозможува да се живее во љубов, сѐ да се прави со радост и понизност, за Божја слава и во служба на ближниот. Има еден познат изрека на францускиот писател Леон Блој; во послдните моменти од својот живот рече: „Има само една жалост во светот – што не сме свети“. Да не губиме надеж за светоста, да чекориме по тој пат. Дали сакаме да бидеме свети? Господ нѐ чека. Сите нѐ чека со раширени раце. Нѐ чека за да нѐ прати на тој пат на светост! Да ја живееме со радост својата вера, да дозволиме Господ да нѐ љуби… да го бараме тој дар од Бог преку молитва, за нас и за другите.

го*ко

Категорија: Ватикан

За авторот