Од 24 до 26 март 2017 година во Дојран се одржува духовна средба во организација на Communione e Liberazione (Заедништво и слобода).
На средбата учествуваат верници од повеќе земји на Југоисточна Европа: Македонија, Романија, Бугарија, Грција, Албанија, Косово, како и од Италија, Полска и Мексико.
Темата на средбата е земено од Евангелието според Лука, 24 глава: „Подударност (сличност) = Искуство, Вкусување, Просудување“? Темата беше претставена во вид на повеќе прашања – за да се дојде до критериумот на судот, кој е во нас, но не одлучуваме ние. И, основно искуство е збир на очевидност и потреба (вистина, правда, љубов, среќа). Преку срцето до подударност.
Покрај прашањата, споделените искуства, дружењето и молитвата и светите Литургии, заедништвото преку прикажувањето на различноста во традициите, мелосот на песните, како и меѓусебните разговори беше направена и организирана посета на манастирот на сестрите Евхаристинки во Гевгелија и новоотворениот дом на Католичката црква, кој во февруари беше отворен за децата со посебни потреби, исто така во Гевгелија, правејќи кратка пауза на Паљурци.
Во сабота, 25 март 2017 година на празникот Благовештение верниците учесници на Духовната средба ги посети Апостолскиот нунциј во Македонија, Н.В.П. д-р Гвидо Анселмо Пекорари и домашниот бискуп Н.В.П. д-р Киро Стојанов.
Communione e Liberazione (Заедништво и слобода) е црковно движење основано во Италија од слугата Божји дон Луиџи Џусани, а е распространето на сите континенти и е во служба на Црквата Христова преку епископи, свештеници, монаси, монахињи и мирјани, кои сакаат да го живеат Христа во своето секојдневие.
к.мк/Наталија С.